Скршена гранка од дрворедот на црешите пред Гимназија ги разгневи велешани кои бараат ригорозни казни за хулиганите
„Не за секого се убави расцутените цреши во дворот на велешката Гимназија. Појдете и видете како со нив се изживуваат несовесни деца. Скршена е една поголема гранка од црешата, веднаш над клупата што јас ја нареков моја затоа што токму на неа се одмарам на пат од дома до пензионерскиот дом и назад. Ја забележав вчера утро и тоа многу ме вознемири. Побарајте поголема заштита за дрворедот. И не само за него туку и за секое дрвце кое расне во градов а врз него се изживуваат несовесни луѓе“, рече пензионерот Тодор.
Видно вознемирен од случката, овој старец, ни раскажа како со особено внимание се обидува да ги заштити гранките на дрворедот цреши пред се од невнимателните деца. Неговите зборови и молби да не се шутира фудбалската топка во дрвцата вели дека не помогнале. Седумдесет и шест годишниот велешанец неколку пати досега сам се обидувал да им помогне на црешите кога ќе забележел како врз стеблата се изживуваат разбеснети деца.
Информацијата на Тодор е точна. Скршена е една поголема гранка од црешите во дрворедот пред Гимназијата. „Во петокот попладне се беше во ред, најверјатно некој ја скршил изминатиот викенд,“ рече еден од градските хигеничари задолжен за чистење на тој дел од улицата „Благој Ѓорев“.
„И покрај поставената заштита, често се случува дрвцата да бидат туркани. Деца се бесат на гранките и ги виткаат и не само тука, во овој дел на градот, туку и во Младински парк имам видено како се пуцаат топки во борчињата или на тревниците со цвеќиња. Покусо не остануваат возрасните кои кинат од цветовите или цели корени. Тоа не е добро, а особено се нервирам за овој дрворед кои го засадија во чест на македонската музичка икона Тоше Проески,“ рече велешанка која живее во близина на Гимназијата.
Сите тие побараа локалните институции да покажат поголема грижа и да превземат ригорозни мерки кон несовесните граѓани кои не умеат да се носат со вредноста на материјалните добра и потрошените народни пари за разубавување на градот./У.Ј