Растоварен сообраќај, поставување на видео камера со брзинометар, повеќе паркинзи и уште неколку предлози се барањата за поголема безбедност на пензионерите
Малкумина возачи на улица им даваат преднос на возрасните граѓани кои сакаат да преминат на пешачки премин. Оваа категорија на граѓани тешко се движи на преоптоварените сообраќајници со возила и претрупани со паркирани автомобили. Нив дополнителен проблем им се и високите тротоари без закосени ивичници. Ова се само дел од забелешките на пензионерите за одвивањето на сообраќајот во Велес. Тие денеска заедно со преставник на Секторот за внатрешни работи и преставници на Црвениот крст разговараа за нивните проблеми откако проследија едукативно предавање за сообраќајните правила и прописи.
Пред скалите на пензионерскиот дом нема пешачки премин. Еден е испланиран неколку метри подолу од првите скали. Кај вторите нема одбележан пешачки премин.
„Пензионерите предложија поставување на камера со брзиномер на улицата Алексо Демниевски Бауман, да се исцрта пешачки премин на Благој Ѓорев кај Круг пред Гимназија, да се разгледа можноста за воведување на двонасочен сообраќај на улицата од Пошта до раскрсницата на кај Болница, да се изградат велосипедски патеки на улиците низ градот, да се воведе неколку часовен еднонасочен сообраќај на улиците кон двете цркви Свети Пантелејмон и Свети Спас за време на викендите, во сабота и недела,“ рече секретарот на Црвен Крст Миле Маџаров.
Овие сублимирани забелешки и барања од највозрасната категорија на велешани ќе и бидат испратени на општина Велес. Ќе биде побарано да се разгледаат и по нив да се произнесат членовите на Советот како и градоначалникот.
За да им помогнат на пензионерите младите волонтери од оваа хуманитарна организација заедно со сообраќајната полиција ќе делат флаери на возачите со цел да влијаат врз нивната свест за поспоро управување на возилата. Во акцијата беше предложено доброволно да се вклучат и пензионирани полицајци. Волонтерите, исто така, ќе им помагаат на пензионерите при преминувањето на најфрекфентните места на главните градски улици./У.Ј