Нови побезбедни легнати полицајци се поставуваат на сообраќајниците во Велес
Нови легнати полицајци се поставуваат низ главните сообраќајници во Велес. По оние во населбата Тунел и пред зградата на Пензионерскиот дом, денеска се поставува и на најфрекфентниот дел од главната улица, пред Гимназијата., на неколку метри од стариот. Новите легнати полицајци се пошироки со блага испапченост, која би требало да го забави движењето на возилата но и да не ги оштетува.
Поставувањето на легнатиот полицаец кај Гимназијата го забави сообраќајот кој е пренасочен на едната коловозна лента. Долга колона од возила има на улицата. Фирмата изведувач ја постави едната половина, сега се очекува да се заврши и другата половина од коловозот. Поставувањето на нови таканаречени легнати полицајци е со цел да се овозможи поголема безбедност не само за пешаците туку и за возачите, велат надлежните.
И граѓаните сметаат дека старите легнати полицајци не беа ефикасни. Се надеваат дека новопоставените ќе обезбедат поголема сигурност во сообраќајот особено на нафрекфентните и најопасните места на сообраќајниците.
„Јас живеам спроти салата 25-ти Мај, тука неодамна поставија нов поширок легнат полицаец и приметувам дека сега возилата возат побавно и ги нема повеќе тие нагли преминувања или шкрипења кога ги преминуваа старите легнати полицајци. Мислам дека ќе биде побезбедно“.
„Вака ќе биде побезбедно особено овде за децата. Тие старите веднаш се уништија и не помогнаа многу во безбедноста на сообраќајот. Инаку овде знаело да биде многу опасно, се вози брзо, старите легнати полицајци се искорнаа многу брзо и беше опасно за сите нас“.
Досега општината замени седум стари со нови легнати полицајци во градот и околните населени места. Надлежните се надеваат дека новите препреки на сообраќајниците ќе бидат подолготрајни и во голема мера ќе ја зголемат безбедноста за сите учесници во сообраќајот./Д.С