Упис на училиште само со примени вакцини?!
Задолжителната вакцинација е услов за упис на децата во средно образование. Најавата дека само вакцинирани деца ќе можат да се запишат на училиште ги изненади и загрижи велешани. Анкетираните родители велат дека строго ја почитувале законската обврска и нивните деца биле редовно вакцинирани. Единствено отпор се создал кај дел од нив кога требало да се прима вакцината против хуман папилома вирусот. Дел од нив признаваат дека со неа не дозволиле да бидат вакцинирани нивните ќерки и дека тоа го направиле од страв. Но така не било со останатите вакцини.
„Многу информации поврзана со таа вакцина ми останаа нејасни и затоа одлучив да не го вакцинирам девојчето. Со оглед на тоа дека јас ја немав примено, фала богу сум здрава и нормална жена која што родила две деца. Сметав дека нема потреба неа да ја прими ниту мојата ќерка, “ рече велешанка.
„Информациите што деновиве ги читам со заразните заушки малку ме збунуваат и да бидам искрена не знам како да коментирам. Секој родител му мисли добро на своето дете и јас практикувам како што мене ме раснела мајка ми и јас да ги одгледувам своите деца. Досега сме ги примиле сите вакцини а одсега нека му ја мислат и младите мајки“, рече велешанка.
Во дел од медиумите се отвори дебата за имунизацијата која во Велес според службата за превентивна заштита се реализирала околу 98 отсто. Останатите два проценти, велат од диспанзерот , се деца од ромска националност кои поради миграција од едно на друго место не се постојани жители на градот.
„Покрај редовната работа овде во амбуланта ние излегуваме и на терен и вакви деца кои се некомплетно вакцинирани или воопшто не се најдовме само 5. Ние овде немаме голем отпор кај родителите како што има во другите градови. Сакам да апелирам до младите родители дека како они се вакцинирани такво право имаат и нивните деца. Вакцините кај нас се безбедни и сигурни, набавени се преку реномирани фармацевтски куќи. Родителите да имаат полна доверба во вакцините и да не ги слушаат тие дезинформации и лаги за штетноста на вакцините што се шират по социјалните мрежи, рече д-р Пандели Божиков, началник на службата за превентивна заштита.
Во досегашното триесет и две годишно искуство д-р Божиков вели дека вакцините не предизвикале штетни последици по здравјето кај ниту едно дете во градот. Тој тврди дека ниту една болест не е поврзана со вакцините, па затоа повикува на разбирање кај родителите.
Околу осумстотини деца на школска возраст од 6 до 18 години од Велес, Градско и Чашка годишно подлежуваат на имунизација. Лекарите велат дека над 95 проценти од децата ги примаат вакцините на различна возраст
„Ако децата не се вакцинираат, колективниот имунитет опаѓа, болестите можат да се вратат на мала врата, да циркулираат и да се шират. Тоа дете кое е невкцинирано е ризично дете за себе и за околината. Имунизацијата е од голема важност, таа ги заштитува децата и возрасните од инфекции пред да дојдат во контакт со заразни болести, рече прим. д-р Петре Крстев.
Оние родители кои одбиваат да ги вакцинираат своите деца одговараат пред законот. Така не мислат дел од невладините организации во државата кои работат на таа проблематика. Најголема фама се крена токму околу вакцината за хуман папилома вирус наменета за девојчињата на 12 годишна возраст./Д.С