Без голема посетеност се одржа хуманитарниот настан за помош на браќата Николовски, лица со посебни потреби во Велес
Младите волонтери на Црвениот крст во Велес уште еднаш ја покажаа својата хуманост . Го организираа хуманитарниот концерт што се одржа вчеравечер во салата„ Бели мугри“ за да им помогнат на браќата Николовски за кои неодамна пишуваше Дума.мк. На концертот учествуваа младите од културно уметничкото друштво Керамичар, членовите на балетското студио „Црни мачиња, а со своја изведба на пијано учество зеде и ученикот Христијан Огњанов од велешкото музичко училиште. Иако салата беше полуполна сепак волонтерите се обидоа да ја актуелизираат тешката состојба во која се наоѓаат нашите сограѓани, браќата Николовски.
„Овој настан е дел од проектот на глобално ниво кој се нарекува „Црвен крст во акција, промоција на хумани вредности. Ние се стремиме кон тоа да го актуелизираме нивниот случај за да се соберат што повеќе средства за браќата. Но не затсануваме тука, во иднина размислуваме и за други активности кои ќе помогнат да се подобри економската состојба на браќата Николовски, рече волонтерот на Црвен крст Александар Стојковски.
Во рамки на проектот младите волонтери секоја година преку разни активности и настани им помагаат на социјално загрозените семејства во градот.
Инаку браќата Николовски за кои Дума мк. пишуваше минатата година се лица со посебни потреби. Тие живеат сами откако почина нивниот татко и ним државата цели десет години не им го овозможи законското право на наследна пензија од починатиот татко. Оставени сами на себе и на неколкумина хумани граѓани, поточно на нивните соседи кои несебично им помагаат, браќата Николовски живеат во субстандардни услови без никакви примања./Д.С
Сите добронамерни граѓани што можат и сакаат да им помогнат на двајцата браќа можат да уплатат сретства на трансакциската сметка на Младен Николовски со број 210501685274654 во НЛБ Тутунска банка.