Според истражувањето на Лотос, општина Велес на трето, Скопје второ и Струмица на прво место
Општина Велес е меѓу најдобрите општини по добро владеење во државата. Се наоѓа на третото место на ранг листата по отвореност, транспарентност и отчетност кон граѓаните. Ова го покажаа првичните резултати од едногодишното истражување на ЛОТОС , финансирано од Европската Унија. Според локалните истражувачи кои испитуваа пет општини од Вардарскиот регион, Чашка, Градско, Лозово и Неготино, Велес котира високо поради функционалната веб страница континуираното ажурирање на податоците како и брзината во давање квалитетни информации и услуги.
Сепак истражувачите велат најслаба е во делот на транспарентноста бидејќи според нив тоа значи на официјалната веб страница треба да бидат објавени сите договори за јавни набавки. Тоа е рак рана велат тие речиси на сите општини кои мораат сериозно да работат на тоа поле.
„Тоа е основа за транспарентност на една општина. Мора да биде објавена секоја јавна пара за да можат граѓаните да видат за што точно се потрошени нивните пари. Функционалната веб страница, редовното ажурирање на податоците, квалитетните информации, потоа задолжителен деловник, статут, кодекс, договорите за јавни набавки и буџетот на општината во јасна форма се основите за транспарентност, рече локалниот истражувач Игор Смилев.
Во рамки на истражувањето беше испитуван и односот на вработените во општинската администрација, а преку анонимни граѓани на мејл се поставуваа прашања со цел да се испита брзината, ефикасноста и ефективноста на одговорот на службите. Истражувачите велат дека на ова поле потфрлиле речиси сите општини. Дел од нив воопшшто не дале одговори на поставените прашања, додека други дале одговор но без суштинска разрешница.
„Далеку сме од транспарентни и отворени општини. Многу треба да работиме на тој процес. Главната аномалија и хендикеп е тоа што главната концентрација е сведена на едно до две лица и од нивното добро расположение зависи дали ќе ви ја дадат соодветната информација. Тие се и градежници, урбанисти, планери, адвокати и се и сешто во општините. Тоа е рак рана на општините, рече Смилев.
На прво место на оваа листа се наоѓа општина Струмица. Веднаш по неа е Скопје. По добро владеење меѓу првите десет се наоѓа и општина Битола, а пример за добро владеење покажала и руралната општина Богданци. Од 44-те истражувани општини на дното на листата се наоѓа општина Липково, но непомалку лоши се и општините Градско, Чашка и Лозово.
Европската унија е заинтересирана да продолжи со испитување на отчетноста и транспарентноста и на останатите општини во државата преку проектот ЛОТОС 2 кој најверојатно ќе се реализира наредната година./Д.С