Велес на врвот на листата за волонтерство и за крводарителство
Со 180 активни волонтери од кои педесетина од клубот на млади кои несебично и посветено ја извршуваат мисијата на Црвениот крст, општинската организација на националното друштво е најдобрата во државата. Велешката организација го зазема и второто место во однос на крводарителството што ја прави една од најпознатите и најнаградуваните хуманитарни организации во земјава. Претседателот на Црвен крст, Милчо Трајков вели дека е особено горд на младите волонтери кои несебично се вклучуваат во сите активности кои имаат за цел да им помогнат на најранливите категории на граѓани.
Тие посветено ги следат десетте пораки на Црвениот крст па затоа граѓаните се повеќе им веруваат и ја бараат нивната помош. Со низа кативности и годинава општинската организација на Црвен крст ќе го одбележи светскиот ден на движењето на Црвената полумесечина 8-ми мај како и неделата посветена на организацијата од 8 до 15 мај.
„Нашите волонтери ќе имаат дисеминациски сесии во одредени средини ако што се основното училиште Блаже Конески во Гимназијата Кочо Рацин, на основното Рајко Жензифов, а ќе бидеме присутни и во средното Коле Неделковски. Се работи за сесии за значењето и за пораките и целите на Црвениот крст. Но ова не се единствените активности. Ние и понатаму продолжуваме со останатите сегменти како што се првата помош, хуманитарно-социјалната дејност како и крводарувањето“, рече Трајков.
Годинава се одбележува и 70 годишнината од постоењето на првата свестка хуманитарна сила. Од 189 национални друштва на Црвениот крст во светот македонското е првото сертифицирано друштво. Во моментов тоа брои 3437 активни волонтери и 7837 регистрирани членови. Во рамките на триесет и петте општински организации функционираат 35 клубови на млади со 1664 членови.
„Јас сум многу горд што сум претседател на една ваква хуманитарна организација. Особено се гордеам со младите волонтери кои кога доаѓаат тука воопшто не прашуваат дали ќе бидат платени туку несебично и пожртвувано се даваат себеси за да им помогнат на оние граѓани на кои им е потребна помош“, рече Трајков.
Општинската организација на Црвен крст ќе организира летен камп за млади во Папрадиште. Дел од учесниците на летниот камп ќе бидат обучени за безбедност во вода. Активностите продолжуваат до крајот на годината./Д.С