Младите велешани на Денот на Европа посакаа и Македонија да стане дел од европското семејство
Седумдесет годишнината од победата над фашизмот и Денот на Европа, 9-ти мај, денеска традиционално се одбележа и во Велес. Младинскиот парк наликуваше на Европа во мало. Земјите членки на Европската Унија, Малта, Грција, Шпанија. Белгија ги претставија учениците од основните и средните училишта во градот. На своите штандови го промовираа едукативниот материјал со карактеристичните обележја за земјите што ги претставуваат. Учениците зад штандовите добро подготвени за денешниот ден ги знаеја традиционалните обележја на земјите но и посакаа еден ден и Македонија да ја видат како дел од Европското семејство.
„Основното училиште „Стојан Бурчевски Буридан од село Иванкловци ја претставува Европската Унија. Таа е формирана на 9 мај 1950 година со првите шест земји членки Германија, Луксембург Италија, Франција, Белгија и Холандија . Моментално има 28 земји членки, се надевам што поскоро и Македонија ќе стане членка“, рече ученикот Санел Мехмедовиќ.
„Ние ја претставуваме Шпанија. Таа е современа држава со богати ресурси. Шпанија е позната по тоа што е голем производител на вино, маслинки, бадеми, ориз, маслиново масло и е прва во светот, рече ученикот Бојан Мечваров.
„Ние ја претсвауваме земјата членка на ЕУ Грција. Таа излегува на Егејско море и нејзин главен град е Атина, рече ученичката Трајанка Стојановска.
Да го посети Велес на денот на Европа имал чест и амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Чарлс Герет. Тој на течен македонски јазик им се обрати на велешани посакувајќи им уште долги години слободна и просперитетна држава.
„Многу ми е драго што ми се падна да го посетам Велес бидејќи не сум бил досега а сум слушнал доста убави работи за него. Имав можност да видам креативни и надежни млади луѓе кои имаат големи амбиции за иднината“, рече амбасадорот.
„Патот кон Европа е еден и единствен и ние целиме кон тој пат и нема отстапување. Ја испраќам и оваа порака до сите граѓани на Велес и на Македонија, местото на Македонија е во Европа и јас се надевам дека младите генерации тоа за неколку години ќе знаат свечено да го прослават“, рече градоначалникот на Велес Славчо Чадиев.
На овој ден велешани не заборавија да ги спомнат и длабоко да им се поклонат на загинатите борци од Втората светска. Делегации граѓани утрово положија свежо цвеќе на нивното вечно почивалиште Спомен Костурницата./Д.С