Сестра Лазаревска: Мал милион прегратки за добре дојде во Велес на исто толку бебиња (ФОТО)
Секое работно утро, во изминатите дваесет и три години, и започнува во белата сестринска униформа во Општа болница Велес. Најголемиот дел од денот им го посветува на младите сограѓанки кои штотуку станале мајки. Таа е дел од тимот медицински и сестри акушерки кои се задолжени за првата бебешка прегратка штом излезат од мајчиниот стомак. Тој момент и ги исполнува последните години од работата. Одделенската сестра на гинекологија и акушерство, Весна Лазаревска, меѓу другото има убава насмевка и често се смее. Насмеана беше и денеска кога ја доби наградата за најдобра медицинска сестра од Велес и ни одговори на прашањето на колку досега бебиња им ја подарила својата прегратка.
„ Сигурно, на мал милион штотуку родени дечиња. Тоа не се брои. Чувството е преубаво. Затоа во последниве години дипломирав за виша медицинска сестра со специјализација за гинеколошко акушерска сестра. Би сакала да им порачам на велешанки да бидат среќни што живеат во овој град бидејќи во болницата на одделението за гинекологија и акушерство има прекрасен медицински тим,“ рече Лазаревска.
Таа првите честитки денеска ги доби од својата ќерка и колешките кои дојдоа со неа да ја споделат радоста за наградата. Еснафското здружение ваква годишна награда им додели на сестри во цела Македонија, по една во секој град.
Освен во Куманово и Штип каде наградите завршија во раце на двајца долгогодишни медицински техничари. На Кире Димитров од Итната медицинска помош во Здравствениот дом во Штип и на Драган Бојковски техничар од одделението за Ортопедија на болницата во Куманово им аплаудираа петстотини колешки.
„Признанието го добив по дваесет години стаж. Голема желба ми беше да го добијам и еве денеска тоа навистина се случи. Професијата што ја работам и ја сакам. Задоволен сум што сум дел од еден тим на посветени и добро обучени професионалци, “ рече Димитров.
„Горд сум што работам на ортопедското одделение во болницата со прекрасни колеги и многу ми значи што сум дел од денешната манифестација. Секако убаво е кога ти ракоплескаат стотици жени,“рече Бојковски.
Традиционално вака Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки на република Македонија ги прославува двата меѓународни празника , 5 Мај – Меѓународниот ден на акушерки и 12 Мај – Меѓународниот ден на сестри .
„Неделата помеѓу овие два празника ја нарековме недела на сестринството. Темата годинава е ефективна нега, економична нега. Улогата на медицинската сестра е многу значајна. Ние сестрите малку работиме на истражување но сакаме да видиме која е рефлексијата на нашата работа. Секојдневно не фалат или критикуваат . Нашата улога е важна и во заедницата, семејствата, таа е специфична професија со специјализирани задачи кои се многу захтевни. Ке кажам дека ни недостасува законот за сестри со кој ќе се дефинира професијата. Ќе се унифицираат програмите и обучените сестри ,акушерки ќе бидат предавачи по школите и ќе ги водат сестрите во клиничката пракса,“ рече претседателката на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки, Велка Гавровска Лукиќ..
„Им порачувам на медицинските сестри, техничари и акушерки секогаш свесно и совесно да си ги извршуваат своите работни задачи , секогаш во служба на пациентите бидејќи ние секогаш се грижиме за спречување на болестите, за зачувување и продолжување на здравјето на сите граѓани,“ рече претседателка на општинското здружение во Велес, Ружица Нацева.
Преполн беше денеска велешкиот театар со медицински персонал од цела држава. Во големата сала се случуваше манифестацијата со која се славеше денот на медицинската сестра. На влезна врата домаќинките согласно велешката традиција на сите гостинки им посакаа добредојде со локум, желе бонбони и вода.
Убавка Јаневска и Даниела Саздова.