Велешките првачиња видоа професионална куклена претстава, наставниците велат дека почесто треба да се одржуваат
Велешките првачина за прв пат по долго време беа публика во велешкиот театар. Тие дојдоа да ја проследат куклената претстава „Лакомата меца“ на Театарот за деца и младинци од Скопје. Нивните наставници сметаат дека на првачињата во Велес им недостасуваат театарски претстави како дел од воспитно образовниот процес. Велат дека децата во овој период од возраста треба да научат што е театар и како треба да се однесуваат во него, затоа апелираат што почесто да се одржуваат и да влијаат врз нивното културно издигнување.
„Сметам дека потегот е многу добар и децата се задоволни затоа што како дел од изучувањето на јазикот, еден сегмент е медиумската култура што секако опфаќа кино и театар и многу е убава приликата да децата го видат тоа , да ја видат играта на сцена, кој работи во театарот, како изгледа театарот, како треба да се однесуваме во театар . Се надевам на скоро видување на некоја следна нова театарската претстава за деца , рече одделенската наставичка во основното училиште „Рајко Жензифов“, Орданка Петковска.
„Театарските претстави за деца треба да се практикуваат почесто бидејќи тие не само што делуваат воспитно и образовно туку влијаат и врз културното издигнување на децата“, рече наставничката во основно училиште „Блаже Конески“, Славица Петрова.
Тие утрово не го криеја задоволството што се наоѓаа во театар и што специјално за нив актерите ќе ја одиграат претставата. Не ги тргаа радозналите погледи еден од друг како и гласното воодушевување се до почетокот на претставата кога на сцената се појавија актерите а тие ги пречекаа со громогласен аплауз. Најмладите велешки ученици со голем интерес ја проследија куклената претстава.
Куклената претстава „Лакомата меца“ на Театар за деца и младинци од Скопје се одржа по повод одбележувањето на неделата посветена на детето. Наставниците сметаат дека вакви претстави треба да има почесто во текот на годината како дел од воспитно образовниот процес на учениците./Д.С