Отворена фабриката на германски Маркарт во велешко Караслари
Германската компанија Маркард во велешко Караслари денеска свечено ја предадоа во употреба сопственикот на компанијата др. Маркарт, премиерот Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за странски инвестиции Веле Самак и градоначалникот на Велес Славчо Чадиев. Новата фабрика се простира на површина од 15 илјади метри квадратни во индустриската зона. Во неа ќе се произведуваат делови за автомобилската индустрија. Моментално во фабриката работат 170 , а до крајот на годинава ќе бидат примени уште триесетина работници. За пет години вкупната бројка на вработени треба да изнесува 600 работници. Почетно во фабриката ќе се произведуваат делови за компанијата Мерцедес Бенз, но таа има склучено договори и со автомобилските компании Ауди, Порше, Фиат, БМВ и други.
„Компанијата Маркарт има свои погони во уште девет земји во светот, во кои се вработени 8.800 работници. Велес го одбравме за да инвестираме бидејќи оценивме дека е индустриски град и дека има висок потенцијал на квалификувана работна сила. Близината на Автопатот дава можност во наредниот период да го прошириме бизнисот и да се развиваме, а со тоа и да отвориме нови работни места, рече др. Маркарт.
Новоотворената фабрика во индустриската зона Караслари е една од најголемите странски инвестиции во Велес и прва отворена по 20 години, рече премиерот Груевски.
„Се радувам што инвеститорот ја препозна нашата бизнис ориентираност, ги препозна добрите и стабилни политики на Владата. Се радувам што оваа компанија ја одбра токму Македонија за нејзина следна бизнис дестинација. Маркарт важи за еден од најголемите добавувачи на автомобилски делови во светот и нејзиниот влез во Македонија уште повеќе го зајакнува имиџот на земјата“, рече Груевски.
На отворањето на фабриката, Вице премиерот Пешевски зборуваше за поволностите и што Владата им ги дава на општините за да привлечат странски инвестиции.
„Ги намаливме за 95 проценти трошоците за комунални услуги доколку се градат индустриски објекти. Повторно со цел да се намалат трошоците за инвеститорите, да се создадат услови за нови работни места. Ги забрзавме и постапките за добивање на дозволи за градби, ако порано беше потребна една година па во одредени случаи и две години да се добие дозвола за градба на ваков објект сега е потребно многу пократко време“, рече Пешевски.
Заедно со новоотворената фабрика на Маркарт вкупните странски инвестиции во Македонија изнесуваат 200 милиони евра со 12 илјади отворени нови работни места, рече министерот за странски инвестиции Веле Самак.
„Само во последниве три години тоа се 600 милиони евра дополнување на бруто домашниот производ, 2, 7 милијарди евра извоз од Македонија, и околу 100 милиони евра директна трговија со домашни фирми. Тоа се придобивките од директните странски инвестиции, рече Самак.
Особено горд на свеченото отворање на Маркарт беше градоначалникот на Велес Славчо Чадиев, кој доби јавна пофалба од премиерот Груевски за неговиот ангажман за изградбата на овој индустриски капацитет.
„Им благодарам на сите фирми и поединци кои директно и индиректно се вклучија во изградбата на оваа фабрика и нејзиното отпочнување со редовно производство. И посакувам успех во работата, конкурентност на пазарот и што поскоро проширување на бизнисот бидејки за нас велешани тоа е најбитно, рече Чадиев.
Вкупната инвестиција на новоизградената фабрика планирано е да изнесува 35 милиони евра. Компанијата ќе остварува обрт од 70 милиони евра годишно./Д.С