Мајстор Кошинов: „Да не се заборави велешката традиција на подготвување на пита пастрмалија“
Само велешката пита е пастрмалија бидејќи во неа освен свинско месо и јајца има и пастрма додека во сите останати градови во Македонија овој специјалитет се подготвува без пастрма. Ситно исецканата пастрма, сушено овчо месо, на питата и дава посебна арома. Всушност тоа е прилично солено месо кое ја поттикнува желбата за конзумирање на вино. Така старите велешани ја објаснуваат автентичноста на зимскиот специјалитет кој вообичаено го подготвуваат како викенд семеен појадок или ручек. Оваа традиција е стара скоро 150 години. Велешани, на подготвувањето на пастрмалијата се особено горди. Исто како и на пита мајсторите, граѓани кои низ неколку генерации, учејќи го фурнаџискиот а потоа и пекарскиот занеат во Велес се натпреварувале во подготвување и печење на пастрмалии. Еден од нив е велешанецот Ангел Кошинов познат пита мајстор на велешки „Жито Вардар“.
„ Се произведуваат штипски, радовишки, неготински, кратовски и други видови на пити но, ниту една не е како велешката. Тие не се пити пастрмалии бидејќи во нив нема пастрма. Велешката е најстара, според пишани документи, почнала да се произведува уште во далечната 1869 година и е единствена пастрмалија затоа што како мастраф покрај месото и јајцата во неа се става и пастрма. Постарите велешани се уште се сеќаваат дека порано во фурните во градот се произведувале пити само со пастрма и јајца затоа што со нив можело да се пие доста вино“, рече мајстор Кошинов.
Тој во „Жито Вардар“ се вработил во 1963 година. Три години бил чирак. Потоа полагал пекарски испит и прво бил вклучен во производството на бели пецива. Минеле години во кои само набљудувал а потоа им помагал на тогашните стари познати пита мајстори во подготвување на пастрмалии. Кога го испекол занаетот ги наследил своите мајстори.
Тоа е време кога, традиционално, производството на пити започнуваше секоја година на 29 ноември. Пастрмалии се правеа само два дена во неделата, во сабота и во недела. Во двете ѕидани фабрички печки, кои им даваа посебно убав вкус , дневно се печеле од 250 до 400 пастрмалии, рече мајстор Кошинов. Тогаш велешани за да испечат и однесат дома пити стануваа рано наутро, во 4 или 5 часот, и пеш одеа до „Жито Вардар“. Голем дел од нив мастрафот си го носеа од дома, свинското месо, пастрмата и јајцата. На мајсторите оставаа да ја покажат мајсторијата во подготвувањето на тестото и печењето на пастрмалиите.
И додека чекаа питите да бидат готови, граѓаните и мајсторите, заедно се дружеа. Но, не забораваа на добрата голтка ракија, која во шишиња или чоканчиња првите со себе ја носеа. Во тоа време „Жито Вардар“ во работните денови од неделата подготвуваше пастрмалии за поголеми свечености или одбележувања организирани од останатите фабрики и претпријатија во градот. Редовни порачки стигнуваа и од Скопје.
„Не се забораваат тие денови. Додека ние ги правевме околу нас чекаа десетици велешани што порачале пити. Седеа на клупи, во близина на печките и гледа како ние ги подготвуваме пастрмалиите. Муабети колку сакаш. Се зборуваше за се и сешто, а најмногу за спортот и за тоа кој колку пити нарачал и колку гости ќе има. Тогаш една добра пастрмалија за појадок и бокал вино беше доволно цел ден домаќинките да не подготвуваат ни ручек ниту вечера. Питите ги правевме тројца мајстори. Еден го подготвуваше тестото, друг ја правеше формата и ставаше зајре, а јас како главен мајстор, ја печев питата и на крајот ги ставав јајцата. Во печката, која развиваше температура од 250 степени, во исто време стававме по 25 до 30 пити. Кога пастрмалиите беа испечени ги вадев и со свинска маст ги премачкував краишата за да биде меко тестото“, рече Кошинов .
Многу мајстори како тајна го чуваа рецептот, начинот на подготовка на тестото и печењето на питите. Тоа не му се случило на Кошинов кој занаетот го учел од мајсторите Лазе Копукот, Петре Крилото и од Царето. Тој пак пред да замине во пензија мајсторијата му ја пренел на неговиот син Трајче, кој сега ја практикува во приватна пекарница „Гемиџии“.
„ Радосен сум што сега градот одлучи традицијата да ја продолжи со манифестацијата посветена на велешката пита пастрмалија. Порачувам таа да остане за секогаш и никогаш да не се заборави дека токму велешката пастрмалија е најдобрата пита во Македонија“, рече мајстор Кошинов.
Стоилко Андреевски