Празнично, Велес доби копија на замокот „Равале“ од Шербур Октевиљ
Замок со цветни аранжмани во различни бои го краси Младинскиот парк во Велес. Поставен е пред објектот на Ансамблот Керамичар и со неговата грандиозна убавина ги мами погледите на граѓаните. Замокот е копија на оригиналот „Равале“ кој се наоѓа во збратимениот град Шербур Октевиљ во Долна Нормандија. Тој е резултат на посетата на учениците, професорите и претставниците на локалната самоуправа во мај годнава. Цветниот замок е изработен од рециклирани материјали. Во него има поставено 200 шишиња, а украсен е со три илјади садници цвеќе.
„Времето ќе ни дозволи дел од овие цвеќиња да останат подолго, дел ќе бидат заменети. За Нова година тој ќе биде украсен и токму оваа убавина им ја подаруваме на нашите најмлади, на нашите сограѓани“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Оригиналниот замок во Шербур се протега на површина од 18 хектари. Тоја е составен дел од паркот во кој освен него има стаклена градина, езерца и природни пејзажи. Тие се прогласени за историски споменици од 1996 година. Воодушевени од убавината на ова здание, учениците и професорите со помош на компанијата „Брако Холдинг“ и ЈКП„ Дервен“ се обидоа да го пренесат во Велес. Замокот во Младински е дел од проектот на програмата за децентрализирана соработка межу Долна Нормандија и Македонија, координиран од Агенцијата „Алда“.
„Морам да признаам дека денеска сум многу пријатно изненадена од резултатите на овој проект. Кога пред една година го читав проектот воопшто не замислував дека резултатот ќе биде токму ваков и дека Велес ќе добие волку убав симбол кој што е резултат не само на една младинска размена туку и на една културолошка и историска размена, рече координаторот Катица Јанева.
За неполн месец, симболот на Велес, Градскиот саат, ќе биде поставен во збратимениот град Шербур, Долна Нормандија. Инаку соработката меѓу Велес и Шербур трае повеќе години и тоа најмногу на полето на размена на културни и историски вредности на двете земји./Д.С