„Заслужуваме подобра живеачка“ , граѓанска иницијатива во Велес
Индивидуални граѓански активисти преку иницијативата „Заслужуваме подобро“ им нудат можност на велешани да се запрашаат во какво општество живеат, имаат ли добро здравство, образование, здрава животна средина, заслужуваат ли подобар живот. Овие теми со кои граѓаните секојдневно се соочуваат и реално најмногу ги засегаат се вметнати во брошурата која активистите на терен јавно им ја делат на граѓаните.
„Се поголемите притисоци и угнетувањето на народот од власта, потчинувањето и намалувањето на животниот стандард , не поттикнаа да ја реализираме оваа иницијатива. Увидовме дека не е доволно само преку медиумски и електронски форми да ги информираме граѓаните , туку треба да излеземе директно на терен и да вршиме десиминација на тоа што граѓанинот на република Македонија го заслужува“, рече активистот Александар Стојковски.
Целта на граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“ е да ги поттикне граѓаните да почнат да размислуваат за тоа што е лошо а што добро во местото во кое живеат.
„Главната идеја ни е да го врежиме тој црв во мозокот на индивидуите и тој црв да почне да копа во нашата потсвест. Да почнеме да ги разграничуваме работите што ни се случуваат што е добро а што лошо, затоа што се‘ што е лошо и ненормално ние веќе го прифативме како нормално и дека токму такво треба да ни се случува“, рече Стојковски.
На три локации во градот денеска активистите им делеа брошури на граѓаните. Некои од нив застануваа и прашуваа, други читаа од нив и се замислуваа. Многумина се поздравуваа со активистите и им честитаа за ваквата иницијатива, за која како што велат е потребна храброст, нешто што на граѓаните на Македонија им недостасува./Д.С