СДСМ: Во Велес има недостаток на инсулин, пациентите се снаоѓаат како знаат и умеат
„Позајмете од некого, снајдете се, па ке им вратите“, ваков одговор добивале дијабетичарите од Велес кога ќе се јавеле на телефонскиот број на болничката аптека за да прашаат дали има инсулин, реагираат од СДСМ. Тие тврдат дека во Велес има недостаток на инсулин и други лекови за дијабетичарите на кои наместо препишаната им се давала заменска инсулинска терапија која останала во залихите низ медицинските центри во градот. Според опозицијата, ваквата состојба може да им ја загрози здравствената состојба па дури и животот на пациентите.
„ Се случува по две три недели да нема инсулин, а знаеме дека секој дијабетичар си има посебна здравствена состојба и посебна терапија и дневно треба да прима по неколку пати инсулин. Никола Тодоров и Никола Груевски ги доведоа дијабетичарите во ситуација да не добиваат соодветен инсулин. Никола Тодоров го доведува во ризик здравјето на илјадниците дијабетичари низ Македонија и треба веднаш да поднесе оставка“, рече Весна Стојанова Богоевска, ОО на СДСМ Велес.
Од СДСМ велат дека пациентите постојано ѕвонеле на телефонскиот број на болничките аптеки во надеж дека ќе ја добијат инсулинската терапија, но наместо тоа добивале одговор дека лековите ќе стигнат следната недла и така неколку недели по ред./Д.С