И богати и сиромашни велешани, четири децении, се возеа во пајтонот на Драскачот
Одкако го превзел занаетот од неговиот татко, велешанецот Благој Драскачев, цел живот возел пајтон низ градските улици. Тој подеднакво ги сакал пајтонот и коњите додека взаемна била почитта со сограѓаните. Секое утро, ги дотерувал коњите и го чистел и кител пајтонот, за потоа да тргне кон железничката станица каде што ги чекал патниците што слегувале од возовите, а потоа им нудел превоз ,најчесто до центарот на градот. Секогаш неговиот пајтон бил полн и неговите патници биле задоволни како од шегите што им ги кажувал Благој така и од неговите стари македонски песни што тивко им ги пеел зашто не смеел да пее многу гласно за да не го слушнеле српските џандарми. Тоа што бил педантен и љубезен пајтонџија, со чист и убаво накитен пајтон, било пресудно да има најголем број стални патници. И богати и сиромашни луѓе сакале да се возат со пајтонот на Драскачот. Тој им бил личен пајтонџија на богатите велешки семејства Левкови и Ѓоргови.
„Било каква работа да имал кога ќе го викнеле Левкови или Ѓоргови ја оставал и веднаш одел или кај нив дома или пак на железничката станица за да превезе некои нивни член од семејството или пак да натовари некоја стока пристигната со воз. За тоа тие добро му плаќале. Се додека не ја завршел работата што му ја давале Левкови или Ѓоргови, не само што не земал друга работа туку и не помислувал да седне со друштво да се напие. За тоа бил многу педантен“, вели неговиот син Добре. Тој по смртта на неговиот татко го наследил семејниот пајтон.
Пајтонот на Благој, со двата коња Цвета и Олга, често пати стока и патници превезувале до поголемите села во велешко. Со пајтонот велешани се возеле и до Битола, Штип и Прилеп бидејќи во тоа време до овие градови не сообраќале ни воз ниту автобус.
„До 1924 година татко ми со својот пајтон често носеше стока и луѓе, особено на свадби, до Свети Николе, Штип, а понекогаш и до Кочани. Пред 1936 година, кога е пуштена железничката линија , често одеше и до Прилеп и до Битола. Убаво се сеќавам кога навечер се враќаше дома со торба полна со пари. Ако претходно додека ергенувал умеел да заседне со другарите во кафеана, штом се оженил со мајка ми Пандора Андова ја оставил лошата навика. Беше боем. Уживаше во голтка ракија, мезе, песна и покрај одбрано друштво. Сам велеше, срце јуначко не може да издржи, откако понекогаш се враќаше видно расположен и поднапиен од кафеанска седенка во која неговите песни ги испеале пејачки,“ рече синот Добре.
И старите велешани го паметат мајстор Благој како голем боем. За него велат: „Беше голем мераклија“. Сограѓаите до денешен ден прераскажуваат кога Благој, со својот пајтон и двата коња крстени со имињата на кафеанските пеачки Цвета и Олга, поднапиен влегол во ресторанот „Македонија“ и побарал од пејачката да му запее стара велешка песна. Тој бил познат и по тоа што кога по повеќе испиени чашки ракија, навечер ќе излезел од кафеана, качувајќи се на пајтонот им велел на коњите: „Ајде Цвета, ајде Олга дома да ме однесете“. Тогаш коњите биле негови водилки до домот се до пред портата на неговата куќа. И никогаш не погрешиле.
Пајтонџијата Драскачот добро го зборувал турскиот јази. Затоа турските семејства во Велес само него го викале да ги вози со пајтонот на свадби, сунети и други веселби.
Велешани го паметат овој пајтонџија и по неговата добрина што ја покажувал кога празен го возел пајтонот по улица. Тогаш штом сретнел човек што оди пешки а нема пари, пајтонџијата запирал и го качувал велејќи му: „Синко кога ќе имаш пари ќе ми платиш. Господ е голем и никогo не заборава,“.
Во пајтонот на Драскачот често бесплатно се возеле млади луѓе од кои единствено пајтонџијата барал додека ги вози да му пеат и тоа само македонски песни. За неговата боемска душа раскажуваа и другарите Страшо Дебарлиев, Онче берберот, Дане Слпјанецот, Ило Челбов, Чичо Саво, Србинот, Онче Наумов, Андо и многу други.
По смртта на Благој, во 1961 година, семејниот занаетот го превзеде неговиот син единец, Добре, иако имаше само осумнаесет години. Тој претходно често му помагаше на татка си.
„Не ми беше лесно, но сепак добро си ја работев работата. Пред да умре татко ми ми рече : Сине, овој пајтон ја хранеше куќава. Немој да го оставиш занаетот. Од него не можеш да се збогатиш, но верувај никогаш нема да бидеш гладен. Со алал ти го оставам и пајтонот и коњите. Чувај ја мајка ти Пандора. Чесно работи и почитувај ги сите луѓе без разлика дали се богатите или сиромашни. Неговите зборови за мене беа аманет. Се до заминувањето во војска, во 1964 година, јас бев пајтонџија“, вели Добре.
Кога синот Добре заминал на отслужување на воениот рок мајка му Пандора, бидејќи немало од што да живее, го продала пајтонот и двата коња. Од дел од парите му испраќала на својот син во војска, а со останатиот таа опстанувала.
Така згаснал пајтонџискиот занает во семејството Драскачеви кое до денеска, во куќата која се наоѓа на улица „Васил Ѓоргов“, на серпентините кон Којник, ги чува потковиците од коњите, синџирите и јажињата од пајтоните, за да ги потсетува на времето во кое живееле од пајтонџискиот занает.
Стоилко Андреевски