(ФОТО) Премиерот Груевски, со првите патници во новиот кинески воз, стигна во Велес
Машиновозачот Никола Спировски го возеше денеска од Скопје до Велес, новиот електричен патнички воз што државата го купи од Кина . Спировски има триесет годишно работно искуство и досега ги возел сите видови на локомотиви и возови на Македонски железници. Новиот ултра моторен воз на железничката станица во Велес не доцнеше. Стигна точно во 14 часот и 15 минути, како што беше најавен. Штом излезе од кабината и се симна од возот го прашавме дали е потешко или полесно да се управува модерниот воз.
„Јас поминав претходна обука заедно со група мои колеги, сите вработени во Македонски железници. Не е тешко да се управува овој воз дури, со оглед на моето работно искуство, ќе кажам дека е наједноставен за возење. Во кабината се е дигитализирано. Доволно е да следиш и да бидеш концентриран. релацијата ја поминавме без проблеми, патниците на ова прво возење ми рекоа дека уживале, “ рече Спировски.
Кабините на новиот воз беа чисти, со убаво пресвлечени столчиња. На дисплејот над вратите од вагоните ја пишуваше релацијата на која се сообраќа возот. Пишуваше „Поаѓање од Скопје и пристигнување во Велес“ . Неговиот капацитет изнесува 180 места за седење и 120 за стоење.
На две столчиња во средниот дел на возот седеше брачен пар од Скопје. Во прегратки ги држеа нивните две малолетни деца. Тие одговорија на нашите прашања, какво беше возењето и зошто не излегоа надвор?
„ Возењето е удобно, возот се движи со одлична брзина и е бесшумен. Ако бевте надвор, пред да стигне, сигурно ја слушнавте сирената. Таа се вклучи и при поаѓањето од Скопје. Се друго е бесшумно. Одлично беше. Ние сме млад брачен пар и се пријавивме за ова пробно возење но, не излеговме на железничката станица во велес затоа што децата ни заспаа,“ рекоа овие брачни другари.
Со новиот патнички воз, популарно наречен Кинез, денеска на железничката станица во Велес пристигна премиерот Никола Груевски и државниот врв. Новиот електричен воз е ултра модерен со климатизација, интернет, екрани и музика, а во сообраќај ќе биде пуштен кон крајот на јануари следната година. Дотогаш машиновозачите треба да ја поминат обуката од страна на експерти од Кина, а истовремено се обучуваат и за одржување и сервисирање на вагоните.
„Велес е град кој има доста жители кои патуваат со воз и од тие причини верувам дека многумина ќе бидат задоволни од новите возови како и од реконструкцијата на велешката станица“, рече Груевски.
Новиот воз ќе сообраќа долж коридорот 10 од Табановце до Гегелија. Со новите пет композиции кои треба да стигнат до април наредната година ќе покрие 60 отсто од железничкиот сообраќај во државата, додека со останатите четири кои треба да се набават до следната Нова Година, комплетно ќе се модернизира целиот железнички сообраќај. При крај е и реконструкцијата на железничката станица во Велес, која целосно ќе биде готова и пуштена во употреба до крајот на годината.
При денешната посета на Велес освен промоцијата на новиот воз, премиерот Груевски присуствуваше и на отворањето на двојните тениски игралишта. Новите тениски терени во Велес се дел од проектот на Владата за изградба на 120 вакви терени ширум државата.
„Овие тениски игралишта се од големо значење за граѓаните на Велес. Искрено се надевам дека од нив ќе излезат одлични тенисери, на чии успеси и резултати ќе се гордеат сите“, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
„Успехот на спортот е недвосмислено поврзан со развојот на спортот и спортската инфраструктура. Да се има желба или талент не е доволно доколку се нема соодветна база , соодветна инфраструктура и во таа насока се и сите капитални проекти на Владата на Р.Македонија“, рече претседателот на Агенцијата за спорт и млади Марјан Спасевски.
Во велешкото село Црквино денеска свечено ќе биде пуштен во употреба новиот водоводен систем, а во село Караслари ќе биде отворено новото повеќенаменско игралиште. Премиерот Груевски ќе одржи и средби со жителите на велешко Башино Село./Д.С и У.Ј