Пензионерите од Велес, на прошетка во Азот, бараат објект за рекреативен центар
Здружението на пензионери од Велес има желба и потреба од рекреативен центар. Членовите на Здружението ги разгледаа просториите во Богомила и се сложија дека со мала поправка овие простории би им послужиле на пензионерите и не само ним, туку и на секои намерници како место за одмор и рекреација.
Членови на Извршниот одбор како и членови на Собранието на Здружението на пензионери – Велес заедно со својот претседател д-р Веле Алексоски изведоа еднодневна прошетка по околината на Азот посетувајќи ги селата Оморани, Богомила, Папрадиште и Нежилово. Времето сончево, прекрасно какво што никогаш не било за овој временски период од годината. Природата изнакитена со илјадници бои и нијанси ги разгали душите на посетителите. На надморска височина од над 1 000 метри, од падините на Солунска Глава, во недоглед се простираа планинските венци и врвови се таму до Кожув.
По разгледувањето на рибниот ресторан во Оморани, пензионерите пристигнаа до Богомила и тоа до зградата која беше нивна цел на разгледување. Оваа зграда порано била задружен дом, а потоа еден вид културен дом со кино сала и други простории потребни на месната заедница. Еден дел од оваа зграда денеска служи како трепезарија за исхрана на социјално загрозени лица која дејствува под покровителство на Центарот за социјални работи од Велес. Поголемиот дел од зградата, од околу 650 метри квадрати, Здружението на пензионери од Велес има желба и потреба да го оспособи за рекреативен центар. Членовите на Здружението ги разгледаа просториите и се сложија дека со мала поправка овие простории би им послужиле на пензионерите и не само ним, туку и на секои намерници како место за одмор и рекреација. Поради оваа цел и желба Здружението на пензионери од Велес ќе воспостави контакт со општина Чашка, под чија надлежност е овој објект, како и со Центарот за социјални работи од Велес, а потоа за брзо време центарот за рекреација од Богомила ќе ги прими првите гости.
Пензионерите го посетија и музејот во селото Папрадиште каде им се восхитуваа на делата на зографите и неимарите , Андреја Дамјанов, Димитрија Папрадишки и на националните дејци како што е Димитрија Чуповски и др. Ја разгледаа и црквата која ги плени со својата убавина.
Прошетката заврши во рибниот ресторан во село Нежилово, а потоа назад кон Велес со ветување дека наскоро ќе дојдат пак во прекрасните предели на Азот, но тогаш со престој во рекреативниот центар кој со сигурност ќе биде оспособен за сите оние кои би сакале барем некој ден да го поминат во тишина и на чист воздух, односно да ја искористат воздушната бања во Азот.
Нада Алексоска