Едно помасовно труење и поголем број на оставени мачиња „цицалчиња“, минатата недела, во Велес
Не прекинуваат масовните труења на домашни миленици во градот. Последното труење се случи минатата недела во населбата Речани кога угинаа повеќе мачки и кучиња. Случајот во граѓанското здружение „Гласот на животните“ го пријавил жител на населбата на кого му било отруено куче кое не излегувало од дворот. Втора пријава стигнала од девојка за отруена мачка додека третиот жител на населбата на активистите на граѓанското здружение за заштита на бездомни животни им соопштил дека истата ноќ по улиците во Речани лежеле дваесеттина отруени домашни миленици. Виктор Мазнев, активист на здружението, рече дека не можат да ги сватат своите сограѓани зошто сакаат да убиваат животни.
„ Ние секое труење го пријавуваме во полиција но, ретко се случува полицајците да излезат на терен и да направат увид. Се случува и по неколку повици да им упатиме а тие да не излезат. Затоа ќе речам дека на сите треба да им проработи совеста бидејќи на местата каде што се случило помасовно труење си играат деца кои лесно можат да дојдат во контакт со мамец на кои најчесто има отров. Потоа е се џабе и полицијата да излезе и цел град да излезе, ако се случи жртва да биде дете,“ рече Мазнев.
Тој и неговите колеги од здружението, исто така, се загрижени за актуелната состојба со бездомните кучиња и мачиња на улиците на градот. Во последно време се зголемува бројот на повредени. Така во моментов од вкупно деведесет напуштени животни граѓаните им нанеле повреди на дваесет мачиња и кучиња. Повредите се многу сериозни и доколку се спасат овие животни ќе имаат траен инвалидитет.
„Иако немаме доволно сретства нив ги однесовме на лекување во Скопје. Овие дваесет животни се повредени во последните две недели. Имаат сериозни, страшни повреди. Ние и сами ги лекуваме но, за потешките случаи ни треба помош од ветеринар. За деведесетте животни, за кои претходно ви зборував се грижат членови на здружението. Животните се во нашите домови. Незнам што ги тера граѓаните да ги оставаат на улица. Глетката е морбидна кога наоѓаме цицалчиња во контејнер или ставени во најлонски кеси и фрлени. Сакам да апелирам дека стерилизацијата е решение за секое домашно љубимче ако граѓаните не сакаат тоа да се размножува а не оставање на улица,“ рече Мазнев.
Само тој во моментов се грижи за 17 кучиња и десет мачки. Последните се мали мачиња кои ги нашолминатата недела оставени покрај контејнери. И покрај добровлните прилози од граѓаните на здружението „Гласот на животните“ му треба финансиска помош што може да ја дарува секој поединец или организација. /У.Ј