Превенцијата е најефикасен и најбезбеден начин за намалување на бројот на зависници oд дроги.
Лекувањето и последиците од ова зло се најскапи. Ова меѓудругото беше речено на трибината „Превенција од болести на зависници од дроги кај младата популација“ што во организација на Општинскиот Црвен Крст и Општина Велес се одржа во салата на Собранието на општина Велес. На трибината, на која учествуваа ученици од основните и средните училишта, психолози, родители, претставници на СВР, Центарот за јавно здравје, Центарот за социјални работи, Општината и Црвениот Крст, беше речено дека бројот на зависници од дроги во светот е во постојан пораст. Според последните податоци ова зло го „користат“ 1,6 милијарди луѓе од кои 800.000 се зависници од алкохол.
„Бројот на корисниците на дроги и во општина Велес не е мал. Досега се регистрирани 220 корисници, меѓутоа, нивниот број е далеку поголем. Надлежните прават се оваа бројка да се намали но се чини дека мерките што се преземаат се недоволни како од институциите, училиштата па и родителите. Загрижувачка е состојбата што во последниве години дрогата на голема врата влегува и во осумгодишните училишта. Помали од четиринаесет години деца пробале дрога“, рече д-р Мартина Хаџи Наумов, претседател на комисијата за борба против болести на зависници од дрога при Општинскиот одбор на Црвениот Крст во Велес.
Причини што младите посигнуваат по употребата на дрогата се најчесто семејните проблеми, потоа, друштвото и на крај немал број почнуваат да ја користат од забава.
„Мораме заедно Општината, училиштата, институциите, родителите и сите други да направиме се да го сопреме ова зло. Како и досега Црвениот Крст и во наредниот период треба почесто да организира вакви собири со цел младите подобро да се запознаат со последиците од употребата на дрогата“, рече Марија Настова.
На трибината беше истакнато дека оваа болест е сериозен проблем како за корисниците така и за општеството. Неопходно е уште во почетокот да биде спречена зашто доколку тоа не се стори последиците не само што се штетни туку и катастрофални за здравјето на младата популација./С.А