Трајко Пано Цветков,мајсторот што ги калајдисуваше садовите на велешани
Старите велешани и денес се потсетуваат на времето кога од улица го слушаа гласот на калајџијата Трајко Пано Цветков кој извикуваше : „Ајде, да ви ги калајдисам садовите. Доаѓа Прочка, баклава треба да се прави“. Одеше Трајко секој ден по улиците од едниот до другиот крај на Велес, понекогаш со своето магаре, и од домаќинките земаше тепсии, котлиња, ѓумчиња а од газдите арании, казани за варење ракија и други бакарни садови. Потоа предметите ги носеше во својот дуќан на калајдисување давајќи им сјај и нова душа. Така мајстор Трајко заработуваше пари за своето осумчлено семејство. И сите го познаваа а тој ретко зборуваше за својот тежок животен пат. Од лулка до гроб бил сиромав но, имал големо срце.
Роден во 1905 година, во селото Грнчиште, на три години останал сирак, му починале родителите. Го посиниле кај калајџијата Симо од Велес, познат занаетчија но и голем љубител на ракијата, па Трајко не само што бил тепан туку и многу пати останувал без леб. Од потаткото го научил занаетот но и него по десет години го изгубил. На тринаесет годишна возраст Трајко наместо калајџија станал работник во магацин, товарал и растоварал стока. Потоа за да преживее не сакал ама морал да ја облече српската џандарска униформа.
Но, не можел да издржи да им служи на Србите па затоа го напушта Велес и заминува за Неготино кај еден од роднините на Симон кој му обезбедил работа. Во Неготино ја запознал убавата Зорица Цветкова, мома од ценета фамилија, со која се оженил и по некоку месеци се вратиле да живеат во куќата на неговиот братучед Димитар во Велес. Подоцна куќата ја наследиле, се присети на почетокот на разговорот ќерката на мајстор Трајко, Нада Кацарска.
„Чичко ми Димитар, кога доаѓаат на власт Србите, побегнал во Бугарија. Ни глас ни траг не му се знае. На татко ми му оставил само напишани неколку збора дека му ја остава куќата и ништо повеќе. Заминал и никогаш не се вратил. Татко ми и мајка ми живееја во таа куќа во месноста Долни Дуќани, во близина на Најдови. Во таа куќа се родив и јас и моите браќа и сестри“, рече Нада.
По враќањето во Велес Трајко почнал да работи на занаетот. Најнапред кај калајџијата Ило Бутимот, кој бил најстар мајстор на овој занает во Велес, а потоа, со помош на мајсторот и сам си купил дуќан во старата велешка чаршија, покрај брегот на Вардар недалеку од Гимназијата. Таму биле дуќаните на калајџиите, ковачите, тенекиџиите, сарачите , самарџиите и другите занаетчии. Работата му тргнала. Се повеќе граѓани доаѓале во дуќанот но и мајстор Трајко често со магарето одел во велешките села и од жителите земал бакарни садови, ги калајдисувал и повторно по една до две седмици им ги враќал. Од селаните не земал пари. Тие му плаќале со месо, јајца и други прехрамбени производи. Калај купувал од Скопје.
„Татко ми беше добар човек. Немаше ден да не рече: Синовите ми се браќа, ќерките ми се сестри, а мојата сопруга Зорица ми е најсветото нешто во животот зошто ми роди три сина и три ќерки. Тој не знаеше во ниту еден момент да го повиши гласот и покрај тоа што понекогаш знаевме да направиме беља и заслужувавме да бидеме искарани. Сепак иако бевме деца го ценевме неговиот труд и се радувавме кога ќе речеше: Садовите калајдисани од моја рака се како нови. Јас знам да им дадам душа, “, рече Нада.
Кога работата му тргнала убаво и кога му се родиле неговиот синовите Благој и Пане и ќерките Тодорка, Маца и Нада судбината си поиграла со животот на калајџијата Трајко. Надошол Вардар и водата му го однела неговиот дуќан. Тој останал без ништо. Но, не му се предал на животот. Одел по улиците, собирал бакарни садови, ги калајдисувал дома и така обезбедувал пари за егзистенција. Но, тоа не било доволно па прифатил дење да биде падар во неколку велешки села за ноќе да ги калајдисува бакарни садови на граѓаните.
Во 1942 година, кога разгорува народното востанието во велешко , Трајко од падар оди во партизани. Никој не знаел каде заминал мајстор Трајко. Неговата жена Зорица не само што не знаела туку често плачела и како што сама викала, го прежалила. Тагувала и таа и децата се додека една вечер, кон крајот на војната, тој не си дошол ноќно време во својата куќа. Раскажувал како многу бил натажен од смртта на неговиот другар кој загинал во една битка со бугарските фашисти..
„Татко ми секогаш со тага ни кажуваше како неговиот другар загинал. Често знаеше и да заплаче. Смртта на неговиот другар многу го погоди. Се до крајот на својот живот тагуваше за него, а најмногу што никогаш не дозна каде е неговиот гроб“, рече Нада.
По ослободувањето Трајко повторно му се враќа на калајџискиот занает. Купува дуќан на левата страна од градот. Меѓутоа, работа имал се помалку. Технологијата го менува начинот на живот. Бакарните садови се помалку почнале да се употребуваат во домаќинството. Бакарните биле заменети со бронзени тави а ѓумчињата со порцелански или стаклени бокали и чаши.
Во домот на Кацарски и денес се чуваат десетици бакарни предмети калајдисани од рацете на вредниот и неуморен мајстор Трајко. Неговата ќерка Нада ги чува како вреден спомен на својот татко. Нив ќе ги наследат нејзиниот син и ќерка во спомен на нивниот дедо калајџијата Трајко Пано Цветков кој со својот занает и со макотрпната работа, успеа на своите шест деца да им обезбеди скромен живот. Нивната мајка често ќе им ги кажува зборовите на татка си :„ Калајџискиот занает е тежок. Од него не можеш да се збогатиш но, никогаш нема да те остави гладен. Тој е тежок и црн занает но, тој е златен “. Така од заборав се чуваат спомените.
Стоилко Андреевски