Млади велешани викендов успешно дебатираа во Велес
Дваесет и четири дебатери на МОФ, од Велес, Неготино и Прилеп, викендов учествуваа на дводневниот регионален дебатен турнир што се одржа во просториите на Фонадција за локален развој и демократија Фокус во Велес. Секој од нив на свој начин, од позиција на власт и опозиција, ја бранеше тезата „Овој дом би бојкотирал меѓународни спортски настани кои се одржуваат во земји со тоталитарни режими“.
За најдобри во својот говор, судиите ги прогласија дебатерите Драгана Кичукова, Бојан Станков и Моника Митковска. Од овој тим особено се истакна Драгана Кичукова. За својот труд беа наградени со пехар и златни медали. Не помалку вешти во дебатата се покажа и тимот составен од дебатерите Илина Димовска, Никола Думовски и Наталија Стојановска.
„Дебата многу ми помогна за да ја развијам критичката мисла како и да ја подобрам мојата аргументација. Овој турнир беше ново искуство за мене првенствено заради тоа што ми помогна да ги зајакнам своте капацитети, а потоа и заради освоените две први места. Голема благодарност до мојот тим, Бојан и Моника кои исто така дадоа се од себе како на подготовките така и за време на рундите“, рече Драгана Кичукова.
Во полуфиналето на турнирот учесниците дебатираа на тезата „Овој дом верува дека да се биде домаќин на олимписките игри е добра инвестиција“.
Инаку целта на турнирот е јакнење на капацитетите на дебатната програма на Младинскиот образовен форум како и зголемување на членството и видливоста на дебатниот клуб во Велес. Преку ваквите дебатни турнири членовите на дебатните клубови имаат можност да ги практикуваат своите вештини стекнати за време на теоретските предавања.
Регионалниот дебатен турнир во Велес се спроведува во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество./Д.С