Десетици угинати гугутки денеска во два парка во Велес
Десетици угинати гугутки можеа утринава и до доцна претпладне да се забележат покрај фонтаната во Младински парк. Угинатите птици ги собираа метачите на улици во градот. Додека го метеа и собираа сметот околу фонтаната во паркот,овие вработени во ЈКП „Дервен“, рекоа дека угинати гугутки од утринава собирале уште во централниот градски парк и во околината на базенот во Велес.
Работниците тврдеа дека во другите делови на Велес немало угинати птици. За оние кој што ги собрале рекоа дека на телата немале рани.
– Ако не се застрелани тогаш од што би можеле да угинат ние не би знаеле да кажеме. Не сме сигурни дали на гугутките може да влијаат високите температури или временските промени бидејќи дење е пекол жешко а ноќе е прилично свежо во парковите, особено градскиот централен и околу базенот, рекоа метачите на улици.
Тие не знаеја да кажат дали некој од нив пријавил кај раководителот за угинатите птици и дали за оваа појава е пријавено во Државниот здравствен инспекторат. Согласно законот здравствените инспектори земаат примероци и потоа ги испраќаат на анализи за да се утврди причината за смртта на угинатите птици./У.Ј