Се помалку вода во коритото на Вардар, закана за флората и фауната во реката!
Само 20 сантиметри вода имало во речното корито на Вардар на мерното место во Велес на 11 јули годинава. Оваа информација ја содржи седмичниот извештај за хидролошката состојба испратена до службата за известување во градот од Управата за хидрометеролошки работи. Тој извештај е последен и на него се повика дежурниот работник на телефонскиот број 195. И денеска како и пред седум дена нема драстична разлика во нивото на Вардар во централното градско подрачје во Велес.
Вардар може да се прегази на потегот помеѓу мост „Гемиџии“ и Мало мовче. Рибарите кои секојдневно ловат риба исто така сведочат дека одамна не паметат ваква глетка на речното корито. Нивните колтуци и трски се празни а тоа значи дека се без улов.
Низок е водостој на Вардар и кај Демир Капија. Во седмичниот извештај на УХМР пишува дека на тамошното место за мерење, во еден ден на почетокот на месецов, биле измерени само 66 см висина на водата или просечни 101 см до 11 јули.
Податоците што можат точно да ја отсликаат состојбата со водостојот на Вардар треба да се црпат од извештајот за протокот на вода, сугерираат од УХМР. Од таму велат нивните екипи биле на терен и ги собирале податоците што набрзо ќе ги објават. Сепак не негираат дека во речното корито на Вардар има малку вода што според нив се должи на сушата што државата ја преброди изминатава зима и пролет.
Летово водата од Вруток е потребна и за производство на електрична енергија. Тоа значи дека мало количество вода испуштаат од акумулациите како Треска, Козјак и Матка во речните корита.
Досега нема информации како ваквата состојба се одразува на флората и фауната во реките и какви се последици може да бидат предизвикани врз животната средина ако се има предвиде дека во Вардар завршуваат канализационите мрежи на градовите низ кои реката тече. /У.Ј