Јавното комунално претпријатие „Дервен“ од денеска со нови вработени
Неофицијално бројката изнесува 20 а официјално станува збор за 14 работници. Утрово,на првиот работен ден, нововработените дошле во зградата на Управата на претпријатието што кај дел од старите работници предизвика револт. Тие беа први што реагираа дека согласно членот 8 А од Изборниот законик и на шеесет и пет дена пред одржување на локалните избори, во „Дервен“ не треба да се вработуваат нови работници.
Градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев е информиран за новите вработувања во ЈКП „Дервен“. Тој вели дека за нив дал одобрување тој и Советот на општината, тоа не биле против законски и измислени туку неопходни поради заминување на работници во пензија или самоиницијативно прекинување на работниот однос. Чадиев додаде дека станува збор за вработувања што се пријавени преку Агенцијата за привремени вработувања и што ги прифатила Агенцијата за вработување.
– Според информациите на менаџерот, во последниве десеттина месеци околу 40 работници го напуштиле Дервен. Не ме факајте за збор мислам дека таму се вработени околу 320-330 работници. Во моментов мислам дека ЈКП Дервен не е превработено бидејќи не само Дервен туку сите се соочуваме со недостиг на работна сила. Како пример ќе посочам дека е неопходен багериет бидејќи во изминатите два месеци во Дервен нема кој да го вози багерот, рече Чадиев.
Градоначалникот, на денешната прес конференција, реагираше на новинарското прашање зошто се вработуваат само блиски луѓе на вработени во „Дервен“ или до партијата ВМРО ДПМНЕ.
Од „Дервен“ писмено потврдија дека вработиле 14 нови работници и соопштија за дополнителна потреба поради зголемување на физичкиот обем на работа во комуналното претпријатие. Од нив десет се општи работници и по еден автомеханичар, багерист, благајник и административен работник. Новите работници ќе биле замена на општи работници кои се пред или веќе заминале во пензија, на работници што си дале отказ или подолго време биле на боледување. Од „Дервен“ тврдат дека постапката за вработување ја започнале преку Агенцијата за привремени вработувања со оглас бр.01/2017 и спровеле избор на 24 март, годинава по што следела неколку месечна законска постапка за примање на работниците за на крај изјавата до Агенцијата за вработување со број 03-1341/3 да биде испратена на 08.08.2017година./У.Ј