Со сведочење на вештите лица продолжи денешната главна расправа за починатата родилка во гевгелиската болница
Во велешкиот суд продолжи судскиот процес во кој се обвинети тројца лекари од гевгелиската болница за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе. На рочиштето сведочеа вешти лица. Д-р Наташа Давчева веднаш не одговори на барањето да даде мислење по упатот што д-р Венци Чалков го издал и во кој побарал дополнителни иследувања за здравствената состојба на Кадиева туку побара дополнително време за да го разгледа упатот што досега не бил предмет на нејзиното вештачење. При тоа кратко искоментира дека станува збор за упатна дијагноза што и не мора да биде конечна.
– Сметаме дека судот правилно ќе ја утврди постапката и сметаме дека нашиот штитеник не извел ниту едно дејствие од кривично дело што му се става на товар. Тоа ќе го докажема на судот и сметаме дека правдата ќе биде правилно утврдена, рече Туше Гошев, адвокат на д-р Чалков.
– Од кога вештотот лице ќе го дополни вештачењето, на следната главна расправа, ќе дадеме со колега Гошев сеопфатен коментар. Денеска не заврши распитот на вештите лица па не е коректно ни кон судот ниту кон вештите лица сега да коментираме, рече Борче Стојанов, адвокат на Чалков.
Станува збор за дополнително мислење со кое се констатира дека покојната Кадиева имала диспропорција помеѓу димензијата на плодот и родилните патишта. Документот што д-р Венцислав Чалков го доставил дополнително како доказен материјал е тотално неважен за самиот судски процес, смета адвокатот на семејството Кадиеви, Дељо Кадиев.
– Прво што се случи на денешното продолжение на главната расправа е неуспешниот обид на одбраната на обинетиот д-р Чалков да достави некакво свое вештачење, од нелиценциран вештак . Вештачење може да даде само лиценциран вештак .Така оставам судот да реши. Законот барем во тој дел е стриктен. Затоа, вештото лице кое сведочеше рече дека ќе се произнесе по документот иако одбраната тоа можела да го достави во делот на истрагата а не сега на крајот на судскиот процес. Сепак оставам да видиме каде тоа ќе не одведе. Во случајов гинеколозите сакаат да ја одбегнат својата одговорност со тврдење дека работеле како што е пропишано и исправно според правилата на болницата што секако не може да ги ослободи од одговорност затоа што правилата на болницата не значат дека се правила и на струката. Ако не се постапувало правилно токму тие оператори, гинеколози можеле да кажат „јас под овие услови не оперирам“ а не да се нафаќаат по секоја цена. И со тоа некому живот да го загрозат, рече адвокатот Кадиев.
Семејството на починатата родилка смета дека операторите никако не смееле да ја оперираат Маја затоа што станувало збор за неодговорни и пијани лекари на породување со царски рез. Сопругот вели дека смртта на сопругата настапила при второ породување.
– Прв пат слушнав за диспропорцијата на димензијата на плодот и родилните патишта во телото на мојата почината сопруга. Со тоа д-р Чалков ја оправдува потребата од царски рез. Ќе го надополнам и стравот на Маја од првото породување што беше многу тешко. Тоа нема врска со причините за настапувањето на смртта бидејќи таа почина од комплетно задушување, доведување на кислород во нејзиното тело, што пак е директна последица и за ненавременото породување на бебето. Тоа се родило живо но поради предолга борба за кислород во утробата на мајката починало, рече Димитрија Кадиев.
Починатата родилка Маја Кадиева
Тој е задоволен како се одвива судскиот процес, вели дека тоа нема да ја надомести мајката на неговата ќерка која иако многу непрашува знае дека Маја никогаш нема да се врати во нивниот дом. Девојчето покажувало дека има голема потреба од неа.
Мајката,таткото и сопругот на починатата родилка Маја Кадиева
Судскиот процес во кој за смртта на Маја Кадиева и нејзиното бебе, во кој за кривичното дело,,тешки дела против здравјето на луѓето,, се обвинети анестезиологот Томче Ванчев и гинеколозите Венци Чалков и Дончо Москов продолжува на вгодина, на 8 февруари во 10 часот./У.Ј