Епископи во Велес и Епархија Повардарска
Територијата на Република Македонија по својата географска положба го зазема централниот дел на Балканскиот Полуостров и претставува една од главните крстосници на економско-политичките и културните врски меѓу Европа и Блискиот Исток. Преку нејзината територија, уште од најдалечното минато, биле пренесувани традициите на народите и на разните етнички групи .Тие како доказ за своето постоење оставиле богати и видливи траги кои што денес се неми сведоци, a тоа, пред сé, се богатите археолошки локалитети.
Велес, благодарение на близината до местата, каде светиот апостол Павле уште во I век ја разгласувал радосната вест за човековото спасение, е меѓу првите што чул за Господовата посета на Земјата. Затоа христијанството во овој дел на Македонија рано се појавило. Познато е дека до почетокот на IV век Христијанството било жестоко прогонувано од страна на римската власт. Со Миланскиот едикт од 325 година христијанството било прогласено за официјална религија во Римската империја.
Како резултат на ова во Македонија се формирале повеќе христијански епископии како: Стобиската, Скупската, Баргалската и други. Со населувањето на Словените во Македонија, во средината на VI и почетокот на VII век, Христијанството како религија било почитувано од староседелците. Со Брегалничката мисија на браќата Св. Кирил и Методиј, Македонските словени го прифатиле христијанството како своја религија. Зацврстувањето и целосното прифаќање на христијанството во Велес и велешко се случило многу подоцна, односно во времето на прочуените охридски чудотворци Св. Климент и Св. Наум кон крајот на VIII и почетокот на IX век. Од тогаш почнува и изградбата на бројните Божји храмови по целата територија на христијанские епископии.
Градот Велес, кој постоел како град уште пред раѓањето на Христа, за време на целата своја бурна историја заедно со својата околина се развивал и опстојувал во разни временски прилики и неприлики како што се војни, земјотреси, пожари, поплави и друго. Со бројните манастири и цркви ,Велес во Средниот век прилегал на мала Света Гора. Како Епископско седиште се спомнува уште во XII век. Со тоа се потврдува дека во него и неговата околина се одвивал и развивал буен духовен и културен живот.
Од досегашните историски податоци познато е дека Велес имал свој епископ за време на Охридскиот архиепископ Хоматијан (1215 – 1234). Сепак до 1661 г. нема сигурни податоци за другите велешки епископи. Постојат повеќе причини зошто е тоа така. Прво е влијанието на политичките околности, а потоа, се разбира и црковните состојби во Охридската Архиепископија. Епископите често биле присилно сменувани. Најголем дел од нив по една година. Но од втората половина на XVII век веќе се познати приличен број имиња на велешки епископи кои во продолжение ќе ги спомнеме.
Најстар историски извор за антитурското раздвижување во Велес постои од крајот на XVI век. Бунтот бил предводен од страна на тогашниот Охридски Архиепископ Варлаам, кој на Архиепископскиот трон дошол по смртта на Атанасиј I, познатиот организатор на општобалканско востание за чија реализација барал помош од европските држави. Архиепископот Варлаам по сé изгледа активно продолжил по стапките на својот претходник, но сето тоа кратко траело. Во 1598 година, бил фатен и погубен од јаничарите во Велес.
Името на Епископот Данаил, се спомнува во 1641 и во 1661 година, како поранешен велешки Епископ.
Името Јосиф, од Зографскиот манастир, се споменува во месец април 1668 година, во документ против еретикот Герасим, како и во 1670 година, во натписот на Орешкиот манастир што се наоѓа во околината на Велес.
Митрофан, се спомнува на 12 мај 1677 година, како поранешен велешки епископ.
Името на Епископот Дионисиј е забележано во 1683 – 1684 година.. Калиник учествувал во изборот на Охридскиот Архиепископ Филотеј на 16 јули 1714година.
Името на Макариј се спомнува во 1722 година.
Името на Давид е забележано при упокојувањето како велешки епископ во 1735 година.
Данаил бил хиротонисан за велешки Епископ на 26 јуни 1735 година. Исто така се спомнува и на 16 август 1735 година.
Епископот Јосиф, е спомнат во периодот од1746 до 1753 година.
Епископот Теодосиј се спомнува во 1759 година.
Епископот Јосиф се спомнува во 1760 година.
Епископот Игнатиј, грк од Лариса, во 1797 година бил поставен на повисок архиерејски чин – Митрополит. Градејќи ги сите манастири во својата Епархија сé што нашол таму како стари книги, ги изгорел. Тој едвај знаел да се потпише. Митрополитот Игнатиј во велешката епархија владикувал 45 години. Доживеал длабока старост во Велес и се упокоил во 1841 година.
Следните осум Епископи биле: Теоклит од 1842 до 1847 година, Авксентиј од 1847до 1855 годна, Антим од 1856 до1866 година, Генадиј од 1870 до 1872 година, Дамаскин од 1872 до 1874 година, Методиј од 1892 до 1894 година, Авксентиј II од 1897 до 1907 година, Мелетиј од 1907 до 1912 година.
На 19 јуни во 1967 година во црквата „Свети Климент Охридски“ по 200 години од укинувањето на Охридската архиепископија со свечена литургија на Светиот Синод, ја прогласи Македонската Православна Црква за Афтокефална.
Митрополит на Eпархија Повардарска Гаврил
По десет години од овој настан за прв Митрополит на Eпархија Повардарска е назначен Гаврил. На негово место во 1989 година доаѓа Митрополитот Михаил , по кого во краток временски период е наименуван Вранишковски, по чие протерување од Велес, Епархијата го имаше во времетраење од четири години како администратор Митрополитот Тимотеј . Од 2006 година Митрополит на Епархија Повардарска е Агатангел.
Стоилко Андреевски