Легалните такси компании побараа а Општина Велес зема обврска да ја средува „џунглата“ на велешкиот асвалт
Дивите им ги земаат паркинг местата на легалните, лиценцирани таксисти. Во Велес нема доволен број на означени паркинг места за легалните 150 такси возила а камоли за дивите таксисти. И кога ќе се додаде неодговорниот однос на граѓаните возачи кои често знаат да ги паркираат сопствените возила на скромниот број на такси станици тогаш во Велес станува опш хаос во сообраќајот. Ова се само дел од барањата што денеска легалните таксисти на средба му ги испорачаа на градоначалникот Аце Kоцевски.
– Денеска договоривме со Градоначалникот дека ќе имаме поголема заштита со тоа што сообраќајниот инспектор ќе ја контролира состојбата во прва но и во втора смена, значи попладне па и навечер. На состанокот присуствуваше и преставник на полицијата кој вети поголема контрола за расчистување на такси станиците за да можеме ние да ги паркираме наши возила, рече сопственикот на такси компанија Тони Јосифов.
Тој соопшти дека легални такси возила во Велес има 150 а уште толкав е бројот на нелегалните таксисти. Вторите не плаќаат давачки а користат исти поволности како легалните таксисти, рече сопственикот на такси компанија Димче Димов. Тој откри дека лиценците чинат 10 илјади денари по возило или 120 илјади денари годишно и спореди колку изнесува загубата на неговата такси компанија во споредба со нелојалните конкуренти кога освен обврските кон општината и државата ќе се додадат и придонесите за плати на возачите на неговите такси возила.
– Значи јас како легален давам 120 илјади денари на име на давачки годишно додека нелегалните си инвестираат по 2.000 евра во возила и подобар живот. Значи ние сме во загуба а и државата исто така. Илустративно мојата загуба годишно значи е 2.000 евра. Петнаесет години сум сопственик на такси компанија која годишно плаќа по 2.000 евра или вкупно 30.000 евра што некој не ги дал а вози низ градот исто како и мојата компанија, рече Димов.
Градоначалникот Коцевски рече дека ја прифатил средбата со Здружението на такси превозници и поканил преставник од сообраќајната полиција на СВР Велес бидејќи му биле познати проблемите на легалните такси компании. Според него решенија мора да има за да се намали бројот на диви таксисти чиј број се движи над 150 возила. .
– Целта е да воспоставиме ред. Сите што мислат да се занимаваат со такси превоз ќе треба да се регистрираат затоа што во наредниот период ќе бидат изложени на сериозни инспекциски контроли. Прво ќе бидат предупредувани за легализација и доколку тоа не го сторат ќе се соочат со ригорозни казни од општинскиот сообраќаен инспектор и сообраќајната полиција, рече Коцевски.
Тој земал обврска во рамките на ЗЕЛС,заедно со другите општини и со вклучување на Советот за безбедност во сообраќајот , на АМСМ, на Здружението на возачи и на Здружението на такси возачи да се работи на подигње на јавната свест на граѓаните, особено за важноста од користењето на такси сообраќајот бидејќи ќе се намали загадувањето на воздухот и ќе влијае врз квалитетот на севкупното живеење.
Според проценките на градот Велес во него можат да се издадат уште 100 лиценци за вкупно 250 такси возила.
Наредната средба на Коцевски, преставниците на СВР Велес , сообраќајниот инспектор со Здружението на такси превозници е закажана за два месеци. Тогаш ќе има и првични конкретни резултати од анализи но и превземање на мерки. Од нив ќе зависи дали легалните таксисти ќе превземат или не радикални мерки за решавање на џунглата на велешкиот асвалт. /У.Ј