Долгот во донација го претвори „Телекабел“, како општествено одговорна фирма, за велешкото сиромашно семејство Усинови
Велешкото шестчлено семејство Усенови може да здивне бидејќи од товарот што го носат на грб брачниот пар Севич и Мустафа е симнат вкупен долг во висина од 7.170 денари кон кабелскиот оператор „Телекабел“. Долгот што се однесуваше по тужба до нотар во висина од 3.150 денари, за главниот долг од 870 денари како и писмена опомена за втор долг од 3.150 денари му се донирани на семејството од страна на кабелскиот оператор „Телекабел“. Освен бришење на долгот Усенови во наредните 12 месеци наместо да платат 4.200 денари бесплатно ќе можат да гледаат телевизиски програми преку овој кабелски оператор.
Тужбата е повлечена и донациите се одобрени откако три граѓански организации од Велес, Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ , „Куќа на надежта“ на хуманитарката Ленче Здравкин и Здружението за заштита на животни „Гласот на животните“ напишаа писмено барање и како општествено одговорна фирма побараа до кабелскиот оператор да му помогне на сиромашното велешко семејство.
– На нашето семејство досега никој вака не му помогнал. Ова е изненадување. Му благодариме на „Телекабел“ и на граѓаните кои ни уплатија пари или донесоа храна и облека кај нас. Благодарност и за граѓанските организации кои помогнаа да ни се избрише овој долг. Секако дека сме радосни затоа што претходно не знаевме од каде да најдеме пари за да платиме. Некој можеби ќе не осудува зошто сме создале долг кој немаме да го платиме. А тоа го сторивме само за да можат нашите четири деца да гледаат телевизија. Му посакуваме секое добро на Телекабел, тоа што за нас го стори нему десет пати повеќе да му даде Господ. Тоа го заслужува,велам од срце, затоа што тој ги разбира сиромашните луѓе, рече Севич.
Сега на Усенови им тежи долгот кон ЈКП „Дервен“ кој е осум пати поголем од „Телекабел“.
Но, во нивниот дом е потопло затоа што со огревно дрво ги помогна ШС „Бабуна“ а добронамерни велешани им подарија електричен шпорет и машина за перење. Платени се и сметките за потрошена електрична енергија. Мустафа и понатаму оди да работи за надница. Во меѓувреме граѓанските здруженија стапија во контакт со велешки фирми и се обидуваат да му најдат работа.
Архитект прави проценка и пресметка за санирање на старата трошна куќарка бидејќи се јави донатор што сака да помогне. Можеби само еден и нема да биде доволен за да се доведат во ред двете собички и претсобљето, да се внесе вода и одвод а потребно е и санирање на покривот кој е причина за целата влага во куќата што се наоѓа на улицата „Јовче Тикваровски“ број 3 во Велес.
Само со редовна плата ова семејство ќе може да ги прехрани своите четири ќерки седумгодишната Нермин, шестгодишната Назлие, петгодишната Филис и две иполгодишната Мелек.
За нив е добредојдена секаква помош која граѓаните можат да ја уплатат на трансакциската сметка на Мустафа Усенов со број 300 277 022 147 261 во Комерцијална банка./У.Ј