Велес ќе се гацифицира, за две години природниот гас во фирмите и јавните институции
Ќе се формира јавно претпријатие „Велес гас“ за да го води процесот на гасификација во градот. Очекуваните резултати од внесувањето на гасот, во првите две години во фирмите и јавните институции, се заштеда на финансиски средства затоа што гасот е убедливо поефтин од сите други енергенси што секако ќе се рефлектира врз заштитата на животната средина. Физибилити студијата со нова анализа на потрошувачите на гас е првата работа што Општина Велес ќе треба да ја сработи.
– Потоа треба да добиеме лиценца за дистрибуција, да изготвиме проекти и да ја изградиме секундарната и терцијалната мрежа и да почнеме со процесот на приклучување. Целиот овој процес планираме да трае во следните две години колкав период е и потребен за Владата на Република Македонија гасот од Штип преку Свети Николе до Велес во должина од 28 километри да го доведе до нашиот град, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Ризин Дол е местото од каде што цефките треба да го носат гасот кон Општина Велес која што е влезена во приоритетната Програма за гасификација за 2018 година. Тоа значи дека годинава ќе течат постапките за експропријација и подготовка на техничко изведбена документација со тоа што гасот се очекува во Велес да стигне по две години.
– Ние не би сакале да го губиме тој период од две години туку да го употребиме за сите други потребни активности за во моментот кога ќе стигне гасот во Велес веднаш да можеме да започнеме со приклучување. Најнапред ќе биде приклучена индустријата, потоа општинската зграда, градинките, училиштата и сите други институции лоцирани во Велес. По ова ќе следат колективните објекти за домување или зградите а на крајот индивидуалните семејни домаќинства, додаде Градоначалникот Коцевски.
Општината ќе и испрати препораки на бизнис заедницата дека за две години ќе има можност да користи гас за да можат своите инвестициони програми и топловодни системи да ги прилагодат на гас додека таа веднаш ќе започне на идните инвеститори на згради да имаат обврска да предвидат приклучоци за гас во становите и во деловните објекти во состав на зградите./У.Ј