Велес ќе треба да добие јавно претпријатие „Велес паркинг“
Општината ќе почне да воведува ред во паркирањето на главните сообраќајници во градот како и решенија за нови паркинг места. За тоа ќе треба да се формира јавно претпријатие задолжено за организирање на јавното паркирање, за одржување на вертикалната и хоризонтална сигнализација и за одржување на уличното осветлување.
-Веднаш ќе пристапиме кон изготвување на Студија за зонско паркирање. Најверојатно градот ќе биде поделен во две зони, прва и втора зона. Паралелно со тоа работиме на бројни нови сообраќајни решенија со кои ќе го подобриме одвивањето на сообраќајот на многу крстосници и на влезовите во градот. Интензивно ќе работиме на проблемот со паркирањето со изградба на паркинзи и катни гаражи, рече Градоначалникот Коцевски.
Според првите анализи на експертот по сообраќај соопштени пред локалниот Економски совет на Градоначалникот се предвидуваат повеќе нови сообраќајни решенија што треба да ја решат „џунглата на велешкиот асвалт“. Тие предвидуваат во некои делови на Велес еднонасочно одвивање на сообраќајот. Меѓу позначајните решенија за едносмерно одвивање на сообраќајот ќе треба да бидат улиците по кои велешани возат за да стигнат до црквите „Свети Пантелејмон“ и „Свети Спас“ кои се наоѓаат под двата рида Вршник и Свети Илија, во делот на Нова населба, околу ООУ „Васил Главинов“ и средношколскиот интернат, како и во строгиот центар.
Бизнисмените имаа свои видувања за одвивањето на сообраќајот во индустрискиот дел каде што се наоѓаат фирмите Маслодајна, поранешен Жито Вардар, железничката станица, Леов компани поранешен Транс Велес па преку свиокот кон зградата на Пожарната и особено за крстосниците во овој дел на градот. Тие дадоа и предлози каде треба да се поставуваат кружни текови. Дел од нив сметаа дека е преголем кружниот тек кај Авона.
Одговарајќи на новинарско прашање како да се реши тесното грло на сообраќајот на улицата „Страшо Пинџур“ која се наоѓа во централниот дел, од едната скоро и да нема тротоар а од спротивната страна една лента се користи за паркирање Коцевски одговори:
– Со надградбата на постојната сообраќајната студија со која градот располага, донесена во времето на Градоначалникот Горан Петров, ќе ги анализираме сите такви тесни грла и ќе бараме решенија, рече Градоначалникот.
Инаку, одлуката за формирање и на ова претпријатие „Велес паркинг“ треба да ја донесе Советот на општината./У.Ј