Попова: Не се сече здрава, туку само деградирана шума на планинскиот масив Јакупица
Сите сечи на шумскиот масив на Јакупица се строго контролирани од Државниот шумски инспекторатот и имаат решение од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вели директорката на Шумско стопанство „Бабуна“ во Велес Љубинка Попова запрашана има ли неконтролирана сеча на државна шума од велешка страна. За неа веќе пишуваа некои медиуми откако пратеничка и делегација на политичка партија ја посетија Јакупица и дадоа соопштение за јавност. Попова појасни дека секоја пролет, велешкото шумско стопанство како дел од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, обезбедува преку Законот и Правилникот за шуми со одгледна шумска мерка од деградирани да премине на висококвалитетни шумски насади.
– Тоа се прави на начин што се отстрануваат надземните делови на стеблата за да се овозможи на јакиот корен да даде можност да раснат нови со голема лисна маса со далеку подобар квалитет од претходните. Исто така се сечат и насади кои што се заболени цитопаталошки и ентомолошки. Сите вакви насади се сечат што е можно порано пред започнување на вегетацискиот период . Овие се последни недели кога ги соборуваме стеблата се со цел да може истите трупци во летниот период да пуштат леторасти. Тоа ќе се случи многу бргу бидејќи доаѓа летен период. Тоа се законски сечи кои придонесуваат за квалитетот на шумските насади на планините, рече Попова.
Таа додаде дека по прошетката на Јакупица од страна на пратеничката и нејзините партиски колеги очекува ЈП „Македонски шуми“ да добие поддршка од нивна страна во настојувањето за подигнување на квалитетот на шумите.
– Болниците постојат за да ги лекуваат болните граѓани а ние, шумарите, за да ги отстрануваме болните со здрави и витални стебла со цел да создаваме квалитетни шумски насади. Во исто време ќе кажам дека ШС „Бабуна“ работи и на создавање на шумски патишта со цел шумите да бидат што подостапни и граѓаните да ги користат бенефитите. Што се однесува до лисната маса пак тие воопшто не се губат. Колку е помлад насадот толку лисната маса е поголема и на број и на квалитет, рече Попова.
Според директорката на ШС „Бабуна“ сите дабови насади се отстрануваат со чисти сечи поради јакиот корен и виталноста на стеблото додека буковите насади не смеат да се сечат туку се проретчуваат за да добијат пополна дрвност на виталноста. Единствено габерот се отстранува целосно бидејќи станува збор за дрво што нема никаква позитивна функција во поглед на вкупните насади.
ШС“Бабуна“ планира еднодневна посета на новите насади на Јакупица во близина на селото Папрадиште се со цел да ја прикаже нивната обновеност. И таму пред неколку години се сечеле старите и болни дрвја за сега да има квалитетен млад шумски насад кој за дваесеттина години ќе ја постигне висината и квалитетот на дрвна маса како веќе исечениот стар и деградиран шумски насад./У.Ј