Владата го врати Офицерски на велешани
Општина Велес го доби објектот на поранешниот Офицерски дом од Владата која одлуката за отстапување ја донела на седницата пред седум дена, поточно на 22 мај. Наместо да зјае празен и да пропаѓа сега велешани ќе го добијат назад своето култно место.
– Во најскоро време Офицерскиот дом повторно ќе биде место на социјализација и дружење на сите генерации на велешани и ќе ја поттикне локалната економија, рече градоначалникот Аце Коцевски.
Граѓаните на јавната расправа за пренамена на слободниот простор и објекти, што лани на крајот од годината ја организираше локалната власт, побараа на објектот поранешен Офицерски дом да му се врати старата намена. Општината напишала барање и го испратила до Владата.
– Сега, по враќањето на објектот во надлежност на градот Велес, штом се средат формалностите ќе следи објавување на јавен повик за издавање под наем на заинтересирани угостители и инвеститори, рече Коцевски.
Објектот Офицерски дом во Велес се наоѓа на атрактивна локација на централната градска улица „Благој Ѓорев“. Тој располага со вкупна локациска површина од 2.663 м2. На дворното место му припаѓа најголем дел од вкупната локација. Објектот има подрумски простории, приземје и кат од 201 м2, на катот има 17 простории, бањи и тераса додека поткровљето располага со две простории на површина од 53 м2.
До пред дванаесет години Офицерски функционираше како угостителски објект со голема посетеност особено во лето. Тогашната власт го затвори и му го врати на министерството за одбрана. Потоа Општината дворното место го претвори во парк и најавуваше пренамена на објектот во Градска куќа. Но, до сега објектот само пропаѓаше./У.Ј