Терзиите кои ги „облекувале“ граѓаните на Велес
Вo старата велешка чаршија, поделена на левата и десната страна на градот, постоеле над петстотини дуќани во кои работеле над илјада мајстори, калфи и чираци. Меѓу најброни биле терзиите. Велешките мајстори, со изградбата на пругата Скопје-Солун, патувале за Белград, Загреб, Будим, Пешта, Минхен, Париз, Лондон, Милано, Рим и други градови во Европа од каде во Велес и во Македонија ја пренесувале европската мода. Терзиите имале полни раце работа и биле тие што ги „облекувале“ велешани. Најпознатите градски мајстори биле тие што имале големи дуќани во чаршијата на десната страна додека останатите се наоѓале на спротивната страна во градот.
Мајстор Никола Цураков
Tерзискиот занает го работеле и големи мајстори биле: Никола Цураков, кој во два наврати за време на Стара Југославија бил и Градоначалник на Велес поточно во 1924 година и 1932 година. Познат мајстор бил Филимон Ќурчиев, потоа Марко Мијаков – Марката кој прв во Велес ја донел париската мода, па Тодор Докурчев, Јован Перков, Јован Весов, Јован Тулумот, Димко Николов, Димко Пласкиев, Јован Перков и неговиот брат Илија Перков, Тодор Попов, Тоде Христов, Трајко Бекташ и Иван Златанов. Ова се познатите терзии од најстарата генерација во Велес од кои учеле првите калфи и чираци на занатетот.
Велешки мајстори терзии
Од нив терзискиот занает го изучиле Јован Пренџов, Јован Босотов, Никола Мрков, Ристо Џурнов, Тоде Ончев од кои потоа терзиските вештини ги учеле Љубе Маџуркаров, Ангел Јованов од Раштани кој се исселил во Загреб па во Париз, Панче Јаневски, Живко Павлов, Каме Камев, Бошко Николов-Боката, Митко Ќулумов, Орце, Панче, Коле кој заминал за Франција, Ристо, Дуле Патката, Спасе, Бранко Џиџи, Благој, Драган од Чашка и Ладе од Скачинци.
Свои дуќани имале Ацо Стојков, Панче Петрушев, Коле Тулум, Илија Митушев, Андон Вецев, Стојан, Јовче Донев, Панче Јаневски,Панче Ончев, Трајко, Стојанче Дејанов – Боем, Орце Стојановски, Тоде, Димко Макниев, Коле Хлачко, Коле Овчарот, Тодор Козаров, Лазо Донев и Илија Николов.
Убави костимии, пантолони и елеци, капуди и мантили, исто така, шиеле и Стојан Ѓорѓиев, Ганчо Симсаров, Јован Најдов, Боро Мачавелов, Ангел- шизикот, Зоран Коцев, Благој Шандуп, Јован Букварот, Ацо Црвениот, Зуберот, Ацо, Томе, Панче Ончев и Орце-Марија Комерц.
Меѓу најпознатите терзии Турци пак биле: Тефик и Дедето.
Како и другите занаетчии и терзиите имале свој празник а тоа бил Петровден кога тие ги затворале дуќаните и се собирале најнапред во црквата „Свети Пантелејмон“, а подоцна во манастирот „Свети Димитрија“. На денот на одбележувањето, кумот подготвувал лепче и ручек. Откако свештеници од Повардарската епархија ќе го освеле лепчето мајсторите со ракија, вино, песна и свечен ручек го одбележувале својот ден.
Треба да остане забележано дека во Велес постоеле и познати терзиици – жени, најголем број од нив работеле како во дуќаните на Никола Цураков така и кај другите мајстори на овој занает во градот но и во своите домови.
Жените терзии кај мајстор Цураков работеле на горниот кат од дуќанот каде се наоѓала голема работилница за шиење на женски фустани, костими и невестински фустани. Работилницата била права мала конфекциска фабрика во која во моменти работеле дваесетина па и повеќе жени.
Не помалку позната од мајстор Цураков е и мајсторицата терзиица Васа Дончев- Николова, мајка на познатиот ракометар и тренер Панче Николов, која во својот дом создавала парчиња облека за тогашните градски жени што ја следеле модата. Со неа работеле по петнаесет жени помошнички кои занаетот почнувале да го изучуваат како чирачки потоа калфи за на крајот да ја наследат својата мајсторица и да го продолжат занаестот во градот.
Втора позната мајсторица терзиица била Софија Дуракова. Во текстов ќе ги спомнам уште Анѓа Ивчева и Родна Дафинчева. Имало и други мајсторици терзиици за кои ќе продолжиме да истражуваме и штом ги собереме сите потребни податоци ќе ги објавиме. До денешниве дојдовме со помош на мајстор Стојанче Дејанов.
Стоилко Андреевски