Мајка со две малолетни деца се повредени во пожар што избувнал во нивниот дом во велешката населба Шорка
Четириесет годишната Велешанка С.Н и нејзините две малолетни деца, тримесечното машко бебе и година ипол од женски пол, вчера попладне се примени во ЈЗУ „Општа болница“ – Велес со опекотини од втор степен. Повредите ги здобиле во пожарот што избувнал во нивниот дом на улицата : Тодор Николовски бр. 48 во населбата Шорка.
– Сите тројца се со поекотини по глава, лице и врат и се примени на хирушкото одделение во велешката болница. Тие се надвор од животна опасност. Добија лекарска помош и се задржани на лекување се до санирање на нивните здобиени повреди и секако до подобрување на здравствената состојба, рече портпаролката на ЈЗУ „Општа болница“ Велес Марина Андова.
Пожарот избувнал и зафатил една соба од домот на повредените. Го гаснеле пет пожарникари со две противпожарни цистерни. Пожарникарите го ставиле огнот под контрола и го угаснале за околу педесет минути.
Случката е евидентирана во СВР Велес од каде портпаролот Вериљуб Додевски рече дека дополнително ќе се утврдуваат причините и материјалната штета.
Постојат сомнежи дека семејството само го предизвикало пожарот со ставање на пластично шише полно со некакво масло во шпоретот за дрва./У.Ј