Велес во 16 век го стекнал приматот на трговски развиен и добро снабден град
Градот Велес отсекогаш бил раскрсница каде се вкрстувале сите важни патишта кои минувале низ Македонија. Во времето на Османлиското пет вековно владеење, градот се трансформирал од обична паланка во средиште на трговијата, занаетчиството, културно и духовно средиште на македонската кауза.
Велес започнал да се менува и добил белези на модерен, добро снабден град, чиј пазар бил центар за продажба на жителите од околните села ,но и на подалечните градови кои гравитирале кон централна Македонија во средината на 16 век. Тоа е времето кога Велес бил препознатлив по занаетите, по добро развиените врски со Европа- Виена, Будим, Пешта, Лајпциг, Солун, Софија, Истанбул.
Два пати годишно во Велес се одржувал панаѓур кој траеле по две недели. Тогаш целиот простор на левата страна на Вардар, од Стариот мост до Железниот мост, бил исполнет со тезги. Се продавала и ситна и крупна стока. Тезгите на Велешките трговци биле добро снабдени со градинарски производи,а подоцна и со индустриска стока од западот.
На 9 август 1873 година е пуштена во употреба железничката пруга Скопје – Солун. Првата железничка станица се наоѓала над преминот преку Стар мост, веднаш под Градскиот саат. Оттаму заминала и првата железничка композиција од Велес до Градско, бесплатно. Индустриската стока, превезувана со железницата била поевтина и означила крај за стопанскиот развој на Велес кој се базирал на тровијата, на занаетите, на караваните и на гемиите кои пловеле по реката Вардар до Солун.
Карван со камили кои превезуваат стока
До изградбата на железничката пруга стоката се носела воглавно со коњи, магариња, мазги, мулиња и камили.Најпознати биле кираџиите од Башино село. Нивните коњи можеле да носат количина на стока од 150 до 160 кг додека магарињата, мулињата и мазгите помеѓу 80 и 120 кг,а камилите од 200 до 220 кг. Караваните се формирале со договор на повеќемина трговци и занаетчии кои во еден правец носеле стока како памук, афионско семе, вино, ракија, грнчарски, ќурчиски и други производи барани на западниот пазар. Од таму се увезувале воглавно индустриски производи како текстил, машини и други потребни производи за домаќинствата. На пат се тргнувало со вооружена свита, за заштита на караванот што понекогаш броела и до 80 луѓе. Се патувало воглавном по ден ,а навечер се преноќувало во ановите покрај патот.
Во село Извор се наоѓал најголемиот ан на патот Велес – Прилеп , изграден со цврсти и дебели ѕидови објектот имал тешки дрвени порти. Карваните преноќувале за одредена надокнада и биле заштитени од плачкашките банди. Ова село се наоѓало на сите карти на караваните кои врвеле за и низ Македонија.
Еден податок од 1852 година говори за карван со кој од Виена до Велес била транспортирана стока, воглавно индустриска, на 400 камили. Караваните сообраќале до Белград, до Сараево, до Трст, до Венеција , до Милано, до Дубровник, до Виена, до Пешта, до Будим , до Одеса, до Киев, до Солун, до Истанбул итн. Патувањата траеле од неколку недели до неколку месеци. Трговците формирале Трговски друштва со вложување на сопствен капитал,за да можат конкурентно да купуваат стока на пазарите ширум Европа. Тоа биле почетоците на капиталистичките општествени односи.
Од француски извори дознаваме за бонитетот и стекнатото богатство на велешките трговци. Според нив во Велес во средината на 19 век имало триесеттина трговци чиј капитал достигнувал од 1 до 2 милиони франкови или приближно 15.000 златни пијастри. Потоа, во втората група биле дваесеттина трговци со капитал до 500.000 франкови и во третата група триесеттина трговци со капитал од по 100.000 франкови годишен промет.
Од познатите Велешки трговски фамилии ке ги споменеме: Весови, Ѓоргови, Коробарови, Ќиркови, Урумови, Кушеви, Шулеви, Дрндарови, Шукареви, Ванови, Хаџи-Панзови, Зафирови, Мискинови и Галистојанови.
За да се разликуваат од сиромашните, богатите Велешани носеле беретки на главата,а подоцна црни капи, наречени корули.
Фотографија со познати велешки трговци
За свадбите на своите деца ,кои некогаш траеле и по цела недела, тие трошеле од 5000 до 10.000 гроша. На музиката и подарувале од 1000 до 2000 гроша.Традицијата и обичаите биле секогаш присутни на велешките свадби, богати со јадење и пиење, дарување, чеиз, подоцна со фотографирање, испраќање дарови. Турските власти, воглавном, ги толерирале овие веселби, каде неретко имало и пукање во воздух. Впрочем, овие богати трговци умееле да најмат и вооружена телесна гарда која се состоела од 5 до 8 луѓе, според трошоците кои се пријавувани.
Од Велес, покрај караваните, стоката до Солун се транспортирала и со гемии,салови. Од податоците кои турската државна архива ги зачувала ,во најдобрите години на гемиџиството од Велес до Солун се пуштале и до 10.000 гемии натоварени воглавном до 500 до 600 килограми стока претежно волна, памук, афион, тутун, пченица, овес и други суровини за преработка.
Макета на велешка гемија – сплав
Постојат податоци и за транспорти на кожа, сахијан и штавени кожи, за крзнени производи, за ткаени производи, за грнчарија, за занаетчиски производи, но тие биле во помал обем.
Велешките каравани и гемиџиството се одржале до 1886 година, а потоа полека започнало осиромашувањето на градот и пропаѓањето на повеќе трговци, замирањето на трговијата, занаетчиството и трговијата со Солун преку гемиите.
Љупчо Данов