Д-р Божиков: Нема подобра превентивна мерка од вакцината во спречувањето на заразните болести
За да ги вакцинираат и заштитат од заразни болести кои можат да бидат кобни по нивниот живот, денеска, Службата за вакцинација на предшколски и школски деца ги бараше децата кои не примиле задолжителна вакцина во три дела на Велес. На велешка Рамина,кај црквата „Света Богородица“ и во близина на Бирото за вработување.
Здравствените работници според празните вакцинални картони и здравствените книшки, многу лесно утврдија дека две од вкупно осумте деца на Велешанка која живее во месноста Рамина не примиле вакцина. Едно од девојчињата прими една додека второто беше вакцинирано со две вакцини. Нивната мајка се бранеше со тоа што не знаела кога децата треба да ги вакцинира.
-Вакцинирањето се одржува во европската Недела на имунизација што втора година,министерството за здравство ја организира во соработка со Здравствените домови. Таа започна на 19 и ќе трае до 25 април. Целта е да ја промовираме вакцината како најважна метода во борбата против одредени заразни болести. Овде на Рамина ги бараме децата кои се невакцинирани или некомплетно вакцинирани и низ разговори со локалното население да ја промовираме вакцинацијата како значајна во борбата за спречување на појава на одредени заразни болести, рече д-р Пандели Божиков, специјалист по училишна медицина.
Тој на децата им подели флаери со испишани пораки за јакнење на свеста за примање на вакцина додека со мајките разговараше зошто е потребно навреме да ги носат децата на вакцинирање. Според оваа служба, Здравствениот дом во Велес, располага со точна евиденција на невакцинирани деца. Само 110 од нив, од вкупно 4.600 на предшколска и 8.000 на школска возраст, досега не примиле вакцина против ситна сипаница или морбили.
-Службата на Здравствен дом во Велес досега нема проблеми со вакцинирањето на децата од страна на родителите. Тие ги носат децата во амбулантата. Младите родители на интернет, поточно на социјалните мрежи читаат и тоа што треба и тоа што нетреба. На ниво на град Велес навистина станува збор за мал број на родители што одбиваат да ги вакцинираат своите деца иако тие на нивна возраст примиле вакцини. Затоа сакам да ги советувам за се што не им е јасно а е поврзано со вакцинацијата да дојдат на разговор со нас, во нашата амбуланта, додаде д-р Божиков.
Дел од Службата за вакцинација на предшколски и школски деца деновиве е на терен во Велес откако претходно ги посетиле и населените места во општината. Ќе ги бара сите невакцинирани деца додека дел од нивните колеги во амбулантата во Здравствениот дом во Велес ќе работат двосменски од 7 до 20 часот за да овозможат имунизацијата да им биде достапна на сите родители во градот./У.Ј