Јамалов:„Граѓаните на Велес испраќаат година исполнета со лаги, неисполнети ветувања, катастрофален животен стандард , сиромаштија и бесперпективност.“
На крајот од 2019 година, ОК на ВМРО ДПМНЕ направи споредба помеѓу она што граѓаните го очекуваа од локалната власт и она што до нив беше испорачано како реализација на ветувањата, со кои што владеачкото мнозинство во Советот на општина Велес дојде на власт пред повеќе од две години. Локалната опозиција констатира дека вистината е непријатна, болна и разочарувачка.
„Граѓаните на Велес испраќаат година исполнета со лаги, неисполнети ветувања, катастрофален животен стандард , сиромаштија и бесперпективност. Граѓаните на општина Велес, испраќаат година на апсурди,година на разочарувачки потфрлања во сите сегменти на велешкото секојдневие, благодарение на СДСМ и најлошиот мандат на двоецот Аце Коцевски и Ненад Коциќ во кој Велес ја губи трката дури и со помали градски средини, тонејќи во неработење, нестручност и бесперспективност, проследени со тешки потфрлања во сите сфери. Поминува година во која како да навикнавме во Велес да не се случува ништо. Нема реализација на ниту една капитална инвестиција, нема ниту една нова фабрика, иако толку многу се најавуваше, нема ниту култура ни културни настани со кои се бележеа делата на нашите сограѓани, културата по која со децении Велес се издвојуваше од останатите градови во Македонија„ рече Александар Јамалов – член на ОК на ВМРО ДПМНЕ Велес.
Според локалната опозиција нема решенија за сообраќајниот хаос во градот кој дополнително од ден на ден ” се зголемува со иновациите”.
„Нема одговорност за многуте пари потрошени за јавните претпријатија кои беа така помпезно најавувани при нивното формирање, а не успеаја да сработат ништо, дури не бевме удостоен ниту со финансиски извештаи за нивното домаќинско работење. Нема здрава животна средина иако екологистот кој е на чело на Советот на општина Велес толку гордо ја промовираше. Се случија неколку еколошки катастрофи во градот тргнувајќи од пожарите, завршувајќи со труењето од фабриките. Градот тоне во очај, а иселувањето стана нешто за што само сме слушале, а сега секојдневно сме сведоци како нашите најблиски заминуваат по светот полни со разочарување и надеж за подобра иднина, правда и правдина“ додаде Јамалов.
Според ОК на ВМРО ДПМНЕ останале само партиските вработувања и непотизмот, задоволување на потребите на партиските активисти и советниците од власта, како и ароганцијата на властодршците и непочитувањето на неистомислениците.
„Градоначалникот официјално дури почна да ги дели и вработените во општината на наши и ваши. За секој потег останаа само изговори и празни ветувања и обвинувања за немањето идеи кон оние од кои не зависи веќе ништо“, смета Јамалов
Опозиционерите порачуваат дека „лудилото ќе запре“ исто како и „одроденоста на општинското раководство од сопствените граѓани на Велес“ на кои „ќе мора да им дојде крај“ и порачува дека „набргу граѓаните на Велес ќе си го вратат достоинството на својот град, а владеењето на Коцевски и Коциќ ќе остане само кошмарен спомен за тоа како не треба, кој ќе го прераскажуваат генерациите што доаѓаат“.
„На крајот на оваа година и прагот на наредната, од срце Ви посакуваме оваа година да Ви биде подобра од претходната, повеќе здравје, среќа, хармонија во Вашите домови и подостоинствен живот, а на политичарите кои го водат градот и државата да се освестат и да почнат конечно да работат за интересите на граѓаните,“ рече Јамалов. /У.Ј