По три месеци откако соседите последен пат ги виделе, денеска телата на Катица и Ванчо Манојлови, полицијата ги извади од станот и испрати на обдукција
6.04.2020
Смрдеа на распаднати човечки тела во воздухот и мртва тишина не пречека денеска под балконот на првиот кат од станот на семејството Манојлови во зградата што го носи број 2 на улицата „4-ти Јули“ во Велес. Еден женски фустан, една маица и панталони висеа на телот на опожарениот балкон и по изнесувањето од руинираниот стан на скоро распаднатите тела на седумдесет и девет годишната Катица и педесет и три годишникот Ванчо. Ни денеска ниту цели три месеци соседите нив не ги виделе иако тие биле внатре, во единствената соба што им останала по ланскиот пожар. До кога биле живи а кога починале и од што,никој не знаеше да каже.
-Две или три пати пензијата се вракаше. Соседите викаа дека се заминати некаде, во Свети Николе кај што имаа роднини, кои се појавија кога пред година ипол им се запали станот. Тие тогаш им помогнаа, дојдоа а потоа и жени стасаа за чистење на опожарениот стан. Но одтогаш не ги видовме. Инаку Ванче имаше психички проблеми, Катица беше изнемоштена и стара. Беше и слепа. Таа воопшто не излегуваше надвор. Не смееја институциите да ги остават сами. Еве што се случи од негрижа, рече еден од соседите.
Токму пензијата што немало кој да ја прими по трет пат, годинава, ја навело соседката Драгица Манаскова да се посомнева дека нешто не е во ред. Таа пријавила уште пред една недела и ги потсетила полицајците дека треба да дојдат денеска за да видат што се случува внатре во станот.
-Не дојдоа во средата иако од полицијата ветија дека ќе дојдат па звонев во петокот и денеска бев приморана да се заканам. Потоа кога дојдоа им се извинив на полицајците. Им реков да отидат од задната страна и преку балконот да влезат во станот. Инаку, жената беше Румунка, одамна дојдена во Велес и по смртта на сопругот живееше со болниот син. Јас им помагав, лекче кога ќе побараа викав Брза помош, Ванчо го носев на специјалист и ги средивме документите за да зема социјално. Тој психички не беше добар, напаѓаше луѓе и лекарката ја нападнал. Потоа кога еднаш месечно примаше инјекција се смири. Ме чуди само како институциите ги оставија вака работите. Па каде завршија пензиите на Катица, каде парите што Ванчо месечно ги добиваше. Така почнав и да трагам по нив, да ги барам а откако хигеничарката за влезот ми рече дека страшна смрдеа има почнав да вртам телефони и се јавував во полиција и во Центарот за социјални работи, додаде Манаскова.
Претседателот на куќниот совет, Димче Зврцинов вели дека во јануари, годинава не му отвориле кога тој тропал на влезната врата за да ги собере парите за чистење и потрошена електрична енергија во вчезот.
-Тогаш не ми отворија, само викнаа одвнатре и толку. Стравичната смрдеа што почна да се шири од станот не натера да ѕвониме во полиција и да бараме помош. Јас немав контакти во изминатите две години, колку што тука живеам. Не ја ни познавам жената, додаде Зврцинов.
По завршениот полициски увид телата на починатите мајка и син се испратени на обдукција. Наредбата ја издал Јавен обвинител. Лекарите ќе утврдуваат кога,од што и како тие починале. Заедно со распаднатите тела полицијата испратила неколку ножеви и друг доказен материјал, најверојатно сомневајќи се дека можеби станува збор за убиство и потоа за самоубиство.
Дворот и влезот во зградата денеска веднаш го дезинфицираше екипа на Центарот за јавно здравје во Велес/У.Ј