ОК на ВМРО ДПМНЕ вечерва со протест низ велешките улици „против штетните и антинационални политики на премиерот во заминување“
2.12.2020
“Или Заев или Македонија. Мораме да продолжиме со битката за одбрана на македонскиот јазик и идентитет. Нема да дозволиме квинслингот Заев да ја распродава Македонија како ќе му текне и да си игра со националните чувства на сите Македонци,“ пишува во соопштението на ОК на ВМРО ДПМНЕ.
„Заев и денес молчи за тајните преговори во Софија кои ги обелодени ВМРО-ДПМНЕ, каде на шверцерски начин сака на и онака штетниот договор од 2017-та да накалеми ново раскрчмување на националните интереси. Самиот премиер во заминување, Зоран Заев, сето ова го навести во скандалозното интервју, а сега со молкот и сето тоа се потврдува. Никој му нема дадено право на Заев да тргува со народот, јазикот и историјата, бидејќи тие припаѓаат на сите минати, сегашни и идни генерации Македонци и останати граѓани на Македонија. Заев изгледа заборавил дека не е веќе на тезга па да распродава се што е пред него. Ова е Македонија, суверена и независна држава. Народот остро се спротивставува и уште поостро ќе одговори на ваквите штетни и антинационални политики на премиерот во заминување.“
Од локалната опозиција ги повикаа сите велешани, без разлика на националност, религија или партиска определба да се обединеле против ова зло и пазарење со државата преку денешниот надпартиски протест со возила од Спомен Костурницата до споменикот на Коста Солев Рацин, во центарот на градот, со почеток од 18 часот.
„Да покажеме дека сме обединети кога се работи за државните интереси. Да му порачаме на Заев дека е време да замине и да престане со погубните политики за Македонија. Почитувани, протест сега, за да не биде предоцна. Оставка на Заев, слобода на народот,“ пишува во соопштението на опозициската партија.
Убавка Јаневска