(ВИДЕО) Велешко езеро преполно со рекреативци за новогодишните празници
3.01.2021
Максимална посетеност и во зимски услови има езеро „Младост“ крај Велес. Голем број на граѓани од Велес, Скопје, Штип и Свети Николе, слободното време за новогодишно празнување го искористија токму со прошетки покрај езерскиот брег.
И од двете страна на езерото деновиве имаше неколку стотици граѓани, секојдневно, како посетители на хотел „Романтик“ и на останатите хотели и мотелот. Полните паркинзи говореа за изборот на посетителите токму велешко езеро да биде дестинација за нивното кафе, семеен ручек или прошетки по бреговите.
На патот, од самиот влез, на „Младост“ почнуваа долгите колони со пакирани возила. Голем беше бројот на посетители кои ги користеа летниковците и поставената урбана опрема кај прва плажа. Седенка во природа и кафе разговори или пак разгледување на делот од брегот што е во изградба и на кој се пошумува, поточно подигнуваат нови насади со дрвја, се дозавршува „Паркот на авантури“ и останатите делови од проектот „Смарт езеро Младост“.
Полни беа и летниковците на почетокот на пешачката патека што започнува од шумата од северната страна на езерото. Групи од луѓе доаѓаа и пешачеа додека сонцето не зајде. Седум илјади и петстотини чекори или околу 3,5 км во еден правец, колку што е долга патеката од источната страна на езерскиот брег, наликуваше на вистинско шеталиште или како што велешани милуваат да кажат „корзо“.
Токму езерскиот брег и пешачењето беа местото на кое посетителите се поздравуваа за прв пат во новата година, ги честитаа новогодишните празници, кратко разговараа и повторно продолжуваа да пешачат.
Полно беше и на Отовичка плажа. Посетителите чекаа ред за да седнат на клупите кај летниковците за кратка починка. Децата подеднакво се радуваа на сонцето и водата на „Младост“ која во јануари беше предизвик за голем број на домашни миленици. Тие, се чини, беа првите зимски капачи во езерото.
{vembed Y=16Ii4EOcWXQ}
Атракција за сите присутни беа и јатата патки кои пливаа на езерската површина но и излегуваа на бреговите штом посетителите ги намамат со храна.
Граѓаните не оставаа големи количини на смет зад себе но не сите затоа што има и такви кои не умеат доволно добро да ја почитуваат природата чии благодети максимално ги користат.
На дел од нив во очи им падна неуредениот најсеверен дел од езерото, во чија вода, има голем број на суви дрвја кои ја грубат глетката како и големите жбунови со капини, искршените гранки на дрвја и уништените делови од камената патека. Велешани со кои разговаравме побараа локалната власт да посвети внимание и на овој дел од езерскиот брег на кој според нив ќе му треба уште поголема количина на урбана опрема и поголем број на светилки за во лето.
Убавка Јаневска