Проектот за изградба и покривање на централниот Градски пазар во Велес презентиран на граѓаните
12.01.2021
Во првата фаза ќе се гради горниот дел од пазарот. Долниот дел ќе помине низ иста постапка штом завршат градежните работи на горниот дел. Проектот го изработи проектантската куќа ,,Друштво за геодетски работи, трговија и услуги ГЕО БАЛКАН“ увоз-извоз ДООЕЛ Битола. Инвеститорот, Општина Велес, изградбата ќе го чини 86 милиони денари.
-Покрај средствата што ги обезбедивме од Владата во висина од 40 милиони денари, преку програмата за подобрување на општинските услуги со заем од Светска Банка обезбедивме и дополнителни 46 милиони денари. Задолжувањето е со многу поволни услови, со рок на отплата од 13 години од кои 3 години грејс период и со каматна стапка од 0% односно минимална од 0,7 до 1 % на годишно ниво. Ќе добиеме и 27% грант од Светска банка како награда ако успееме квалитетно да го реализираме проектот, рече Градоначалникот Аце Коцевски.
Проектот беше јавно презентиран пред велешани. На јавната презентација во големата сала на Општина Велес учествуваа триесеттина граѓани додека уште толку ја следеа онлајн презентацијата.
Архитектот Никола Танталовски од проектантската куќа јавно го презентираше проектот кој содржи решение составено од покриени две целини, на сосема истата површина на која сега се наоѓа пазарот. Покривот ќе биде изграден на вкупно 4172 м2 на парцелата на која во долниот дел и на спојот со горниот дел на пазарот планирани се 19 деловни простории или дуќани што ќе зафатат површина од 700 м2 како и службени канцеларии за работната единица „Пазари“ на ЈКП „Дервен“. Двата дела на пазарот, горниот и долниот, ќе бидат споени со скали додека за лицата со попречености ќе се постави лифт. Над нив ќе се наоѓа деловен простор за кафеани, сендвичари, бурекџилници и слично.
На најисточниот дел, од горниот дел, ќе се градат тоалети за јавна употреба на површина од 114 м2. Пред дел од нив просторот е наменет за тезги за продажба на текстил, обувки, пластични производи, железарија, цвеќе и други производи а спроти нив на поголем дел од парцелата проектирани се покриените паркинг местата за купувачите.
Долу, на парцелата на долниот дел, пазарот од западната и јужна страна е опкружен со дуќани во кои би се продавале производи за храна додека внатрешноста целосно е наменета за поставување на тезги за продажба на зеленчук и овошје. Продавачите на јајца и на сирење би добиле уреден простор во долниот дел на пазарот веднаш до скалите за искачување на горниот дел.
Поточно, централниот Градски пазар ќе има целосно покриен дел потоа дел под отворена настрешница, паркинг простор, санитарии и магацински простор. Тој ќе располага со еден главен и уште осум дополнителни влезови и излези за дотур на производи и за влез и излез на граѓаните и пазарџиите.
Дуќаните ќе се продаваат а собраните средства од нивната продажба ќе бидат наменети за други капитални инвестиции и проекти во Велес како на пример изградба на катна гаража или реконструкција на централно градско подрачје.
Во јавната расправа се вклучила повеќе граѓани. Дел од нив соопштија забелешки а дел и предлози за подобра енергетска ефикасност, за самоодржливост, за потреба од поголем магацински простор, за поврзување на постоечките продавници околу пазарот во една целина со новиот градски пазар додека нивните сопственици добија одговор дека изградбата нема да ги оневозможи секојдневно да си ги извршуваат работните задачи или продажбата на производи на граѓаните.
Исто така беше соопштено од страна на Општина Велес дека веќе ја започнала тендерската постапка за избор на фирма – изведувач. Градежните работи се очекува да започнат наредниот месец.
Убавка Јаневска