Брегот на езеро Младост сеуште затрупан со смет
Полни кесиња и вреки со остатоци од храна и пластични шишиња,како и неупотребливи предмети се расфрлени помеѓу борчињата над патот од влезот на езерото до пред карпите. Тоа е делот од брегот на Младост каде што сега се изведуваат градежните работи за поставување на водоводна линија.
Наместа трасата на овие градежни зафати мине покрај купиштата од смет за кој градоначалникот Славчо Чадиев рече дека зад себе го оставиле камперистите на поранешната дива населба покрај езерскиот брег. Последните од нив, камперите ги отстранија пред повеќе од еден месец, откако општината не попушти пред нивните барања да останат на брегот бидејки сметаа дека приколките не сметаат на каналите кои се копаат и цевките што во нив се поставуваат.
– Видоа граѓаните на Велес како камперистите се грижеле за човековата околина на езерскиот брег и за екологијата, рече Чадиев.
Тој соопшти дека штом јавното комунално претпријатие ќе заврши со обврските околу средувањето на зелените површини во Велес ќе изврши чистење и на езерскиот брег. Акцијата ќе треба да се случи во наредниот месец.
– Пред почетокот на велигденските празници и секако пред први мај брегот ќе биде исчистен. Континуирано апелираме за заштитата на природата а ќе поставиме и табли, рече Чадиев.
Глетката што сега ја има овој дел од езерскиот брег не е убава. Со неа секојдневно се соочуваат стотици граѓани од цела Македонија кои доаѓаат во хотелите во кои се одржуваат советувања. Таа ги девалвира велешани како граѓани со висока свест за заштита на животната средина.