М-р Божидар Јовиќ, општинскиот инспектор, го заокружи професионалниот пат
Човекот кој во општинската зграда влезе со почетокот на процесот на децентрализацијата во образованието и бараше решение за сите проблеми а знаеше да им се радува и на сите успеси на наставниците, професорите, учениците и училиштата денеска се збогува со своите колеги.
И на последниот ден од својот работен век посветено и вредно говореше за својата професорска кариера, за десетте илјади ученици кои ги образувал, за своите професионални идоли од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и светски признатиот универзитет „Ломоносов“ во Москва, каде ја одбранил магистерската работа, за колегите со кои делел наставнички канцеларии во населбата Горно Оризари, во Гимназијата и во зградата на општина Велес.
Додека на видеобимот се емитуваше седумминутната презентација за професионалниот живот на Божидар Јовиќ тој незаборави да ги спомне своите работни гордости, неговите најуспешни ученици од нив сега тројца генерали во АРМ, лекарите, светски познатиот музичар и уште многумина други одлични ученици а сега докажани професионалци. Она што го премолчи беа неговите професионални трудови објавени во повеќе домашни и странски стручни списанија со кои пренесуваше искуства на своите колеги од училиштата во општината.
Последните негови колеги, од општинската администрација , го испратија Божидар Јовиќ подарувајќи му фотографски апарат и велејќи му да продолжи да го забележува секој детаљ од пензионерскиот живот.
– Тој е голем стручњак а како човек многу импулсивен бидејќи сака се што знае да го пренесе. Стори се што можеше за унапредување на образованието, за наставно образовниот процес , за наставникот. Секогаш беше подготвен и стручните служби во училиштата добија солидни основи како треба да работат. До последниот ден беше обземен од своите работни обврски, пред заминување кликна на својот компјутер и испрати мејлови до сите општински училишта дека замина во пензија, рече Марија Настова.
– Ќе го помнам како човек кој не одеше туку скокаше, рече Љупче Андреевски.
– Божидар беше вреден, посветен и упорен колега. И во такви сеќавања ќе ми остане, рече Слободан Атанасовски.
– Ќе го помнам пред се како татко а потоа како колега, вистински професионалец, рече Билјана Шуркова Манаскова.
– Никогаш не се штедеше да го пренесе искуството на помладите колеги. По тоа и по доброто расположение кое успеваше да го создаде во работната атмосфера, ќе го паметам мојот колега Божидар, рече Јадранка Стефкова.
Последните зборови пак на инспекторот упатени до колективот беа „Ви благодарам и посакувам сите да дочекате пензија!“