Фондот ги прима пензионерските барања за на бања
Околу 10 илјади пензионери во Велес, почнувајќи од март па се до ноември, можат и годинава климатско бањски да се рекреираат ако поднесат документи во подрачната единица на Фондот за здравсто во Велес. Предимство ќе имаат оние пензионери кои досега, во изминатите пет години, не биле на бања.
Пензионерите кои ќе бидат избрани да ја користат оваа услуга во Катлановска бања ќе добијат шест полни пансиони, еден задолжителен здравствен преглед, една бањска терапија во текот на денот и платен трошок за превоз во висина на повратна автобуска карта. За пензионерите кои имаат траен инвалидитет дозволена е придружба на кои исто така министерството за труд и социјала ќе го плати престојот.
– Сите заинтересирани пензионери можат своите барања да ги поднесуваат во подрачната единица на ПИОМ во Велес со тоа што покрај барањето потребно е да поднесат и чек од пензијата од месец Ноември 2013 година а за оние пензионери со придружба и потврда од центарот за социјална работа или решение со кое ќе докажат дека имаат одобрено придружба за мобилност и слепило, рече Славица Калајџиева, раководител на велешката подрачна единица на Фондот.
Крајниот рок за поднесување на барањата е 14-ти Февруари, годинава.
Лани за на бања аплицирале 1057 пензионери а од нив само 189 биле на бања додека во изминатите четири години оваа можност ја искористиле вкупно 886 пензионери од Велес и околината. Тие ги користат услугите на бањата во Катланово затоа што е најблиску до Велес.