Производители од Горно Оризари не знаат што да му прават на тутунот
Спакуван во стотина кутии, тутунот што годинава го произведе и не може да го предаде, производителот Менсур Бачилац од велешко Горно Оризари, стои во изнајмена куќа сред село. Тоа што е е складиран во четири соби, на суво, е единствената надеж на овој производител дека ќе успее да го спаси откако манометарот на откупниот пункт на „Струмица табак“ во Лозово покажал поголема влажност а тоа било пресудно проценителите да му кажат да ги врати дома кутиите.
Овој тутун тежи половина од предадената количина од 7 тони за која Бачилац вели дека му ја откупиле без ниту една забелешка и тој добил цена од 11 денари за килограм.
– Не е можно тоа што ми го кажуваат бидејки јас го проверив и тогаш а и сега тутунот. Само на манометарот на откупниот пункт во Лозово покажува дека е влажен. На ниту еден друг апарат на кој пробав тоа не се повтори. И незнам што да правам тоа е се што сработив и очекував дека ќе заработам за да го прехранам семејството. Ме отепаа од лажење само да знаете колку пати со оваа количина одев до Лозово. Жално е ова што ми го прават, рече Бачилац.
Тој тврди дека ова што годинава му се случува не е првпат. И лани „Струмица табак“ му правела проблеми но за помала количина. Годинава штетата е неколку пати поголема. Бачилац вели дека ќе се обиде насекаков начин да го предаде родот и повеќе никогаш нема да засади тутун. Тој не е единствен во селото со полна куќа тутун. Неговата судбина ја делат уште триесеттина други производители. Еден од нив е и Беним Мизуковиќ.
– Ако не го предадеме побрзо ќе мувлоса и ќе скапе. Три тона предадов по 110 денари излегува цената што ја добив за таа количина. Не сум задоволен бидејќи сметам дека имам квалитетен тутун. Но што со оваа која сега незнам каде да ја предадам а имам договор со „Струмица табак“. Штета имам од 15 илјади евра. Никогаш, ви кажувам дека никогаш повеќе нема да засадам тутун само ова да го предадам, дециден е Мизуковиќ.
Додека низ селските улици се шири мирисот на тутунот, производителите, се договараа каде да одат и кому да се пожалат за маката што ги снајде. Раскажувајки како се наоѓаат во безизлезна ситуација најголем дел од нив се плашеа дека не ќе можат да ги подмират сметките за вода и струја. Тие се надевале на целосно предавање на годинешниот род а парите што ќе ги добијат да им овозможат егзистенција до наредната реколта./Б.Н