Скривниците пред Долни дуќани останаа без влезни врати
На влезот на ниту една од петте скривници нема влезна железна врата. Местата кои имаат посебна важност за граѓаните во услови на војна или елементарна непогода се целосно отворени. Зјаат како празни дупки ходниците од кои излегува миризба на мем и влага. Внатре има кал и големи вирови со вода.
И покрај тоа што се наоѓаат на главна улица, во близина на јужниот излез на градот, никој не ги забележал арамиите како ги вадат и крадат железните врати на влезовите на скривниците. Граѓани од Долни дуќани рекоа дека вратите исчезнувале една по една. Никој не се досетил да пријави грабеж на имот на државата.
– Мислам дека има еден месец од како ги снема вратите. Точно е тоа што го кажувате никој од нас кои секојдневно поминуваме покрај ова место не пријави што се случува. Сега ќе се плашиме ноќе да поминуваме во овој дел од градот. Ако ни е го заслуживме тоа, рече велешанка.
– Не ме прашувајте ништо кога дозволивме ова да се случи тогаш секој коментар е беззначаен. Никој веќе не води сметка за ништо. Се се распаѓа, се остава да се распадне, се кради, се носи и граба. Она што е најчудно е што се нема желба да се открие и најде виновникот, рече граѓанин.
Тие се сомневаат дека железните врати завршиле во склад за откуп на старо железо. Од нивната продажба некој успеал да заработи пари.
Сега отворените ходници се место во кое лесно се влегува и излегува. Тие можат да се користат за секаква намена особено ако некој има што да скрие или ако сака да се засолне./Б.Н