Врз џебот на велешани засега не се одразува формирањето на цената на водата помеѓу двете претпријатија
Во цената од 30 денари и 40 дени за метар кубен вода, која велешани ја плаќаат , се пресметани 3 денари со кои јавното комунално „Дервен“ ја купува истата количина од државното „Лисиче“. Тоа се регулира со годишен договор помеѓу двете претпријатија кој за годинава е потпишан.
Тоа се случи лани во октомври. Ова е вторпат досега и во двата наврати цената беше покачена но, не удри по џебот на граѓаните. Како ќе биде понатаму и дали ќе има покачување засега не се знае. Взаемно се договараме и се трудиме да не го доведеме во прашање рентабилното работење на двете претпријатија рече директорот на ЈП „Лисиче“.
– Решението за цената на водата која Лисиче ја испорачува кон комуналното претпријатие Дервен е на база на взаемен договор. Се внимава да не биде доведена во прашање финансиската стабилност и редовното работење на двете претпријатија. Така ќе продолжиме и понатаму. Договорот се склучува на дванаесет месеци и следниот договор ќе биде во зависност од околностите на работењето на хидросистемот и комуналното претпријатие. Така и ќе ја формираме цената, рече директорот на ЈП „Лисиче“ Бобан Пановски.
По неколку децениската изградба, со самопридонес и со пари од државата, велешани осум години пијат вода од хидросистемот „Лисиче“. Водата е здрава и квалитетна наспроти претходната од река Вардар проследена со рестрикции особено во летниот период./Б.Н