Д-р Тодоровски: „Откако колегата Кодовски ме зашемети добив тупаница во глава“
Сосема банална причина била повод ортопедот и трауматолог д-р Филип Тодоровски да добие тупаница во глава од својот колега д-р Петре Кодовски. Тоа се случувало во неделата вечерта, околу 18 часот, кога и двајцата специјалисти биле дежурни на хирушкото одделение во велешката болница. Причина било тоа што д-р Тодоровски побарал од д-р Кодовски да ја сошие отворената рана на пациентката од неговиот оддел. Тодоровски за Дума.мк тврди дека наместо да ја изврши здравствената услуга Кодовски прво нервозно му викал а потоа се обидувал да го провоцира со навредливи зборови упатени кон него и семејството, пред пациентите и персоналот на хирушкото одделение.
„Колегата прво почна да урлика на одделението, покажа агресивност и јас некако успеав да се извлечам по што влегов во собата на медицинските сестри. Се подготвував за визата кога тој ја викна сестрата и почна повторно да вика и да ја испрашува кои пациенти сум ги прегледувал додека тој не беше тука а потоа повторно ми се нафрли со тоа што ми кажуваше дека сум тежок селанец и дека ако не бил тој ќе пропаднела хирургијата во Велес. Потоа го викнаа во операциона сала каде пациентка воведена во анестезија го чекаше најмалку триесет минути да дојде и да започне операција. Се врати на одделението и кога по трет пат ми се втурна добив три зашеметувачки удари а четвртиот беше дирекно во во глава,“ рече д-р Тодоровски.
Тој додаде дека ни сестрата ниту болничарот не успеале да го задржат агресивниот хирург со тупаници да се пресмета со него а потоа тој повикал полиција.
„Полицајците не му направија алкотест иако јас од нив тоа го барав велејќи им претпоставувам дека е пијан или дрогиран. Јас сум лекар и можам да констатирам дека тоа негово однесување не е нормално,“ рече д-р Тодоровски. Тој најави тужба против колегата д-р Кодовски.
Од СВР Велес потврдија дека се одзвале на повикот од болницата во која според нив имало само викање на висок тон од две вработени лица. Полицајците разговарале со д-р Петре Кодовски кој е началникот на хирушкото одделение и констатирале дека нема основ за интервенција од нив.
Оваа случка два дена е топ тема на велешката јавност. За неа раскажуваат пациентите очевидци но и медицинскиот персонал во велешката болница. Во писмено соопштение Општинската организација на СДСМ во Велес го нарече скандал во велешката болница и го осуди однесувањето на доктор Кодовски, началникот на хируршкото одделение и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.
„Кодовски е и осудувано лице на една година затвор, за смртта на десетгодишниот Месерт Зекиров, кој почина на 31 мај 2010 година. Неговата пресуда сеуште не е правосилна. Медицинските лица се револтирани и со право реагираат. Тие со страв одат на своето работно место, плашејќи се дека нешто може да им се случи. Никола Груевски, Никола Тодоров и ВМРО-ДПМНЕ се најголемите уништувачи на здравствениот систем во Македонија. За жал, цената за хаосот во здравството секојдневно ја плаќаат граѓаните“, напиша од СДСМ.
Социјалдемократите побраа надлежните институции целосно да го истражат настанот и да го расветли случајот.
Денеска и покрај нашите настојувања да добиеме став од д-р Петре Кодовски во тоа не успеавме. Тој ги отфрлаше нашите телефонски повици а не беше присутен ниту во началничката канцеларија на одделението во болницата. /У.Ј