Првото Женско училиште во Велес
Во Велес, во месноста „Лиска“, помеѓу „Мегдан“, „Ристова Чешма“ и фурната на Круме лебарот,во 1870 година било отворено првото женско училиште во Македонија во кое наставата се изведувала на македонски јазик. Училиштето било сместено во зграда што имотен велешанец, без било каква надокнада, ја подарил со цел и неговите три ќерки да посетуваат настава. Тие заедно со уште дваесет и седум женски деца, ќерки на богати жители од овој дел на Велес, ја формирале првата паралелка. Наставата ја изведувале православни свештеници, а најдолго време на ученичките им предавал поп Данаил, таткото на Менка и Боро Попето.
„ Според кажување на мојата баба Стојна и мајка ми Благородна , училиштето од исток се граничело со куќата на Лазо и Стојна Кулајџиеви и куќата на Деница Каникова. Од југ со куќата на Сута Здравкинова, а од север со куќата на Роса Плавева и на Таска, Кочо и Андреа. Од запад училиштето излегувало на денешната улица „Максим Горки“. Всушност, првото женско училиште во Велес па и во Македонија, се наоѓало на местото на денешната куќа на Тодор Бондиќев “, вели д-р Кулејџиевски.
(улицата во Велес во која се наоѓало Женското училиште)
Женското училиште било отворено на десната страна на Велес, тринаесетина години по првото училиште во Македонија на големиот учител и преродбеник Јордан Хаџи Константинов Џинот. Во женското училиште покрај мајчин јазик се учеле и предметите веронаука, географија и сметање. Училиштето на Џинот, започнало со работа во 1857 година во параклисот „Свети Ѓорѓија“, на левата страна од Велес во месноста „Прцорек“ и во него настава слушале паралелки составени од машки и женски деца во Велес.
Женското училиште со успех го завршиле Пандора, Викторија, Благородна и Нада Кулујџиеви, потоа женските деца од семејствата на Карабуштаните, Силјанови и многу други кои живееле на Мегдан, Бузаана, Бричкова, Солено Чешмиче, Којник, Маалска и други маала од Велес. Пандора, Нада и Викторија со одличен успех завршиле седмо одделение и биле назначени за учителки во некои села во велешко.
„Моите тетки Викторија и Пандора, по неколку години учителствување, заминале во Солун каде што завршиле Гимназија. Подоцна по нивните стапки тргнале и некои други ученички од велешкото женско училиште. Мајка ми Родна поради тоа што морала да и помага на мајка си останала само со завршено седмо одделение“, вели д-р Кулејџиевски.
Тогашната турска власт не правела проблеми како за отварањето на женското училиште така и за тоа што наставата се изведувала на македонски јазик, со велешки дијалект. За тоа богатите велешани плаќале наемнина , а редовно и на учителите им плаќале пари за изведената настава.
(Параклисот „Свети Ѓоргија“ во кој работело училиштето на Јордан Хаџи Константинов Џинот)
И додека во месноста „Лиска“ работело женското училиште, а во „Свети Ѓорѓија“ училиштето на Џинот, во близина на Црна Џамија или Паша Џамија, работело третото училиште во градот во кое настава посетувале само машки деца и Македонци и Турци. Учениците Македонци посетувале настава на турски јазик со еден час по мајчин јазик на кој им предавале свештеници, а подоцна и учители, додека наставата на турски јазик ја изведувале оџи.
Женското училиште во Велес, низ кое поминале неколку стотини ученици, работело се до Првата светска војна и до доаѓањето на власт на Кралска Југославија под чие владеење подпаднал овој дел од Македонија.За време на владеењето на Србите, женското училиште продолжило да работи но, наставата исклучиво се изведувала на српски јазик.
(улицата во Велес каде се наоѓало Женското училиште)
Потоа ова училиште,по неколку години било затворено, училишната зграда оставена на забот на времето руинирала и била урната. По ослободувањето, на истото место, куќа изгради велешанецот Тодор Бондиќев.
Стоилко Андреевски